Власта не сака јавна расправа за данок на солидарност

Власта  очигледно нема намера да дискутира со бизнисот за данокот на солидарност. Иницијативата за широка дискусија која ја побараа пратениците на ВМРО ДПМНЕ мнозиството ја одби. Власта се правда, дека со бизнисот разговарале минатата година. Опозицијата побара да се кажат аргументите за даночната реформа и да се каже каде точно ќе се потрошат парите, односно да бидат наменети за нова програма солидарни мерки во услови на криза , но и ова беше одбиено.

Сметам дека со ваквиот предложен текст испаѓа дека овој предлог-закон за солидарен еднократен данок е само собирање дополнителни пари за да се покријат дупките направени со „Бехтел-Енка“, со скриениот таен договор со „Бехтел & Енка“ преку кој одредени членови на Владата добија провизии, а државата доби нови долгови и затоа веќе ако се оди на воведување на нов данок којшто оптоварува многу стопанственици и нивни вработени, тогаш барем тие средства од тој данок да бидат искористени за солидарни мерки во услови на криза којшто подетално заеднички би го дефинирале со Законот за извршување на Буџетот на Република Македонија, рече Милошоски.

Всушност, тоа е дефинирано така и во Законот за извршување на буџети и од тие причини е ставено тука за да биде поексплицитно дека се работи за средства што ќе одат за поддршка на антикризни мерки, рече Бесими .

Претседателот на ВМРО – ДПМНЕ пак се сомнева каде и за што ќе потрошат парите оти биле затскриени зад стапката Ковид, а ковидот веќе го нема

Ако го видите предлогот ќе видите дека средставата кои што евентуално би биле собрани од овој закон ќе бидат ставени на ставка во буџетот акде што немаме транспарентно увид во тоа како ќе бидат тие трошени, односно ќе бидат затскриени како Ковид помош, иако ковидот одамна помина. Ние денеска се обидовме да отвориме една јавна дебата за ова да може јавноста да го слушне, еве сега ние преку оваа прес конференција имаме можност тоа да го кажеме, но ние сакавме на јавна дебата каде што ќе може и бизнисот и јавноста да дадат свое мислење поврзано со ова, рече Мицкоски .

Стопанските комори  се остро против законот  . По клубот 100 најголеми од Стопанската комора, денеска и од комората на северозападна Македонија реагираат дека новата давачка ќе ги исцеди.

Ако законот сепак помине, бизнис заедницата најави дека ќе го оспори пред уставниот суд. Власта планира со новата давачка да собере околу 76 милиони евра  . Данокот ќе важи ретроактивно, односно  ќе ги опфати оние кои оствариле профит поголем од 10 милиони евра во 2022  или секое претрпијатие кое остварило 30 отсто повеќе приходи од изминатите три години , а процентот надминува 10 милиони евра  .

Кристина Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста