Власта контрадикторна околу СЈО, опозицијата децидна

Власта контрадикторна, законот за СЈО кој го кажуваат како клучен за почеток на преговорите за Европската Унија, за премиерот не е задолжително да го имплементираме веднаш, но би било добро за нас како држава да го донесеме, додека пак шефот на дипломатијата дециден, законот за СЈО мора да се донесе за да не биде црна дамка- кочничар за преговорите.

„Законот за СЈО не го ставаат формално правно во заклучокот, но ни укажуваат. Не мора Европа да ни каже за да го донесеме законот. Тоа е добро за нас. Да не си играме играчки. Доста беше. Нашата желба за консензус да постигнеме и по ова важно прашање, навистина имам флексибилни аспекти дадено овде, кои не го нарушуваат правниот систем, го гарантираат владеењето на правото на сите предмети, предистражна, истражна постапка, обвинителни акти и слично“, кажа Заев.

Димитров пак покатегоричен, смета дека треба да се заокружи процесот околу СЈО оти во спротивно ќе сме имале нови кочници од ЕУ.

-Основната грижа на скептичните земји е владеењето на правото, колку судиите се непристрасни и колку правдата е слепа. Во таа смисла од перспективата на скептичните земји е да се има правосуден систем со интегритет, врз кој политичарите нема да можат да влијаат. Кога ќе има случај на корупција да има одговорност, кога ќе има злоупотреба на позицијата на власт да има одговорност, кога ќе има лажирање избори да има одговорност, рече Димитров.

Очигледно е дека новиот камен на сопнување е законот за СЈО зашто и власта е свесна, оти тимот на специјалната обвинителка Катица Јанева процесуирале случаи по завршувањето на законскиот рок. Легитимно опозицијата бара таа да одговара што го прекршила законот, нешто со што власта не се согласува.

Наспроти фактичката состојба, Јанева самоуверена, таа не верува дека некој воопшто ќе ја смени. Епологот не смее да го пречекори летото, ако како што власта се надева, ЕУ би требало да не удостои со датум за преговори.

Мери Ѓорѓиевска