Власта, и при свиткана кичма, не успева да ги подобри односите со Бугарија

Никакво подобрување во билатерални односи Скопје-Софија нема, туку има само влошување. Бугарија си ја тера 150-годишната стратегија да покаже дека македонскиот народ е со бугарски корења, а македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот, дециден е потпретседателот на ВМРО ДПМНЕ, Николоски. Наместо МНР и Бујар Османи цврсто да се спротивстават на силните провокации кои ги гледаме од источниот сосед, министерот за надворешни најавува дека ќе се сретне со основачите на бугарските клубови со контроверзни имиња во Македонија.

  • „Би му препорачал прво да се сретне со Милен Врабевски, оној кој ги финансира овие здруженија, кој што веројатно работи за силни интереси за Бугарија, кога веќе не му стават црн печат во пасошот, и АНБ И АР не му забрануваат влез во Македонија. Па така нека се сретнат со Бујар Османи и официјално, па да знаеме дека тоа е една договорена работа за провокација на македонскиот народ“ – вели Николоски.

Чиста провокација е и доаѓањето на првиот човек на Преродба Костадин Костадинов сметаат од ВМРО-ДПМНЕ, а за што министерство за надворешни работи испрати само писмена осуда. Костадинов пред два дена среде Скопје ги искажуваше територијалните претензии, а неговите провокации не сакаат да ги коментираат ниту експертите кои се на ставот дека не треба да му се дава на значење бугарскиот пратеник, кој не фактор ниту во Софија.

Костадинов на отворањето на бугарскиот културен информативен центар, дојде со тенденција да убедува дека Македонија е втора бугарска држава, а дека неговата земја се протега од Црното море до Охрид.

  • „Нè не терајте да ја искривуваме вистината. Јас ќе ви кажам уште еднаш, да, Бугарија и Македонија се две држави кои треба да бидат една. Две држави се да, еден народ кој треба да биде од Црното море до Охридското езеро“- рече Костадинов.

Но и покрај силните територијални претензии и отворената намера на Костадинов да ги прикаже Македонците како бугарски народ, МНР не виде причина да испрати итна протестна нота. Во писмената реакција која стигна од Министерството, пораката беше до македонските граѓани да не подлегнуваат на ваквите провокации кои имале за цел да ги спречат двете држави во искрените намери, во зближувањето на двата народи во духот на европските вредности.

Викторија Миткова

Advertisements