Власта и опозицијата со поделени мислења за прогресивниот данок кој стартува од 1 јануари

Прогресивниот данок наиде на низа нагодувања меѓу пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Драган Цуклев и пратеникот Јован Митревски од СДСМ. Пратеникот од ДУИ Реџеп Исмаили, пак, беше на страната на неговиот колега од власта. во дебатната емисија Во светот на парите тие разговараа зошто е добро, а зошто не воведување на ваков данок.

Цуклев рече дека Законот нее добар и дека ги штити само богатите, а ги даночи успешните, односно инженерите и оние работници кои работат сами за себе, а ги има многу малку.

  • Прогресивното оданочување нема да ја заживее економијата. Власта треба да се насочи кон сузбивање на сивата економија, а не кон прогресивен данок кој испраќа лоша порака кај луѓето кои заработуваат повеќе. Сега имаме 30% сива економија која му штети на бизнисот, рече Цуклев.

Тој смета дека власта треба да попушти и да се пролонгира прогресивното оданочување, но сериозно да се фокусира на сивата економија.

Според пратеникот Јован Митревски од СДСМ прогресивно оданочување не било причина што луѓето се иселуваат од Македонија, туку дека сакаат подобри услови за живот.

Пратениците нема да плаќаат прогресивнен данок, велат тие. Според нив, платите им се движеле од 60.000 до 70.000 денари, и како што рече пратеникот од ДУИ Реџеп Исмаили други примања немале.

  • Прогресивното оданочување е добро за да се покрие социјалната програма, а не за други екстра давачки. Тоа е добро во смисла да се земе од побогатите, а да се даде на посиромашните, вели Исмаили.

Останува отворено прашањето дали 25 милиони евра кои ќе се соберат од прогресивниот данок ќе завршат во образованието, социјалата, во обезбедување на зелена нафта на земјоделците и за низа проекти корисни за живеачката.

Прогресивното оданочување наиде на забелешки и од Стопанските комори, и покрај тоа власта планира изгласување на Законот. Бизнис секторот е против ваквото оданочување и бара одложување од 5 години. Велат дека Власта го протна во Собранието без консултација со бизнисот.

Со новата даночна реформа која ќе важи од 1 јануари – повисок данок ќе плаќаат сите кои имаат месечен приход од над 90.000 денари.

Цуклев и Митревски не се единствените кои не се согласуваат околу новата даночна реформа. Претходно, во Собранието токму прогресивниот данок ги скара пратеникот Илија Димовски и министерот Драган Тведовски. Димовски тврдеше дека законот е катастрофален, дека ги штити богатите, а повеќе ги даночи успешните. Тевдовски си замина и рече дека на комисијата ќе останела неговата заменичка.

А што се однесува до граѓаните, тие сметаат дека Владата ги троши парите на луксуз, а не на потребни работи. Владата не штеди во ништо, сметаат оние кои ги анкетираше Алфа. Дел од нив велат дека парите мора да се трошат на повисоки плати и пензии, да се посвети внимание на образованието, културата, спортот, здравството, кое според граѓаните, тоа го нема.