Власта и опозицијата се договорија: 91 глас „за“ формирање Агенција за национална безбедност

Власта и опозицијата постигнаа договор. УБК ќе се трансформира во новата Агенција за национална безбедност и ќе биде донесен нов Закон за координација на безбедносно – разузнавачката заедница. Претседателот на Комисијата за надзор над спроведување на мерките за следење на комуникациите, Емил Димитриев кажа дека усвоени биле 60 амандмани, најголем дел на предлог на опозицијата.

Вработените во новата Агенција ќе мора да поминат безбедносни проверки, кои ќе бидат неопходни за вработување, а ќе мора да бидат и полиграфски тестирани. Една од клучните области според Димитриев е вметнувањето на механизмите за спречување на судирот на интереси во кадровската политика.

-За прв пат во историјата на функционирањето на нашите служби воведуваме задолжително полиграфско тестирање за вработените. По примерот на многу земји од НАТО и ЕУ, полиграфот ќе биде нешто што ни еден вработен не може да го одбие, ако за тоа добие налог од раководната структура. Сметаме дека полиграфот вкрстен со психолошките тестирања и останатиот ветинг значително ќе влијае на интегритетот на самите вработени, изјави Димитриев.

Како што кажа тој најважно за нив како пратеници е јакнењето на парламентарниот надзор врз новата Агенција.

-Во однос на јакнењето на надзорот од страна на Собранието е тоа што раководителот на внатрешната контрола на новата агенција за национална безбедност ќе биде именуван на предлог на директорот меѓутоа соодветно на добиена согласнот од надзорното тело во Собранието. Ова е предлог затоа што сметаме дека радководителот на внатрешната контрола треба да биде човек со многу силен интегритет и професионален однос да не зависи од тој што го именува, изјави Димитриев.

Задоволство од она што е договорено изрази и пратеникот на владејачката СДСМ, Хари Локвенец.

За разлика од Локвенец, неговата сопартијка пратеничката Фросина Ремески остана на ставот дека е незадоволна од новиот закон, но сепак ќе го гласала за како што рече да не биде кочничар на реформскиот процес. Нејасно е зошто Ременски сега се противи кога и таа беше член на работната група која го изготвуваше законското решение , а во истата покрај партиите учествуваа и претставници од НАТО и ДИКАФ.

Власта и опозицијата постигнале договор да бидат донесени и законите за Национален совет за безбедност и за новиот закон за Агенцијата за разузнавање.

Матеја Петровски