Власта индиректно призна дека Македонија е многу далеку од Европската Унија
Македонија е многу далеку од европскиот сон и целта да влезе во Европската Унија до 2030 година за сега изгледа недостижна. Експертите сметаат дека уставните измени кои не кочат на патот кон ЕУ не се единствената обврска, а дури и да ги исполниме сите, Унијата треба да се реформира и да покаже сериозен интерес за интегрирање на земјите од Западен Балкан. Овие тези, според поранешниот дипломат Ивица Боцевски сега на некој начин се потврдија и од министерот Бујар Османи, кој најави иницијатива за поголема интеграција за земјите од Западен Балкан пред самото формално членство, со цел пристап и учество на земјите кандидати до ЕУ политиките, форматите, фондовите.
Конечно се призна дека македонската европска интеграција нема да се движи со светлосна брзина, Македонија еве дури и да ги усвои уставните измени, ќе се наоѓа во истата група со Србија и Црна Гора, чиј пат не води никаде. Ние на некој начин добивме заверка на овие тези, од министерот Османи – рече Боцевски.
Внесувањето на Бугарите во Уставот, со кое не се согласуваат голем дел од граѓаните и експертската фела – за власта е рецептот, Македонија да продолжи по европскиот пат. Па, сакајќи да укаже на ургентноста дека тие мора да се спроведат, Османи вчера рече дека Македонија како општество ќе изгуби кислород без Унијата. Од друга страна владините претставници не покажаа интерес за предлозите на опозицијата, уставните измени да важат со влезот на Македонија во ЕУ. Тоа би изнудило менување на преговарачката рамка, што за Боцевски е возможно, ако се има политичка волја.
Како човештво, не можеме да ги смениме физичките и биолошките закони. Се она што е направено од луѓето, се што е креација од општеството, може да се промени. Во политиката, може да се променат работите доколку има политичка волја. Преговарачката рамка не е нешто изрезбано на планина, во мермер, па сега не може да се промени. Па дури и да е изрезбана, ќе го симнеме тој слој и ќе изрезбаме нешто друго – рече Боцевски.
Инаку, уставните амандмани ниту оваа недела не беа испратени до Собранието, бидејќи како што информираа од Владата сакале да ја зацврстат инцијативата пред да стигне до пратениците. Премиерот Ковачевски рече дека со внесување на Бугарите во Уставот паѓа во вода тезата за „еден народ во две држави“, а пак лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски е дециден ниту еден пратеник од неговата партија нема да гласа за уставни измени под бугарски диктат.
Адријана Алексиеска