Власта го навлече гневот со прогресивниот данок

На државите што воведуваат прогресивни даночни стапки им се заканува затајување на данок, раст на сивата економија, иселување на високостручните кадри, намалување на платите, застој на инвестициите. Откако Владата најави дека од следната година ќе се воведе уште една повисока стапка на персоналниот данок од 18% за делот од примањата кои надминуваат 90 илјади денари, експертите сметаат дека ќе помине подолг период додека да се согледаат сите негативни ефекти. Велат засегнатите имаат повеќе можности да го излажат системот, да затајуваат данок и дополнително да ја прошират сивата економија.

„Туку спаѓа средно, средно-високата класа. Тие што земаат плата, немаат можност да го пренесат даночниот товар, да направат одредена флуктуација, односно манипулација. Оние најбогатите, тој еден процент кои имаат даночни приходи од повеќе извори, имаат поголема можност за манипулација и флуктуација и тие според сите анализи први, во сите прогресивни системи се помалку погодени од оваа даночна реформа. “ – вели Борче Треновски, универзитетски професор.

Ако Владата сака системот да функционира мора да воведе бројни подреформи – велат аналитичарите. Мора да ја зајакне контролата, капацитетите на инспекциите и администрацијата ако не сака да се соочи со затајување на данок. Ова е важно, велат тие, бидејќи кога има рамен данок, Управата полесно го следи плаќањето данок. Колку системот е покомплициран, туку е поподложен на манипулации.

„Што би можело да се направи во оваа насока? Мора да работи на подобрување и развивање на капацитетите на даночната администрација, треба да ги намали сите легални дупки кои постојат во даночната легислатива, да ги елиминира. Политичките влијанија во економијата мора да ги изолира бидејќи овие прогресивни системи се подложни на политичка манипулација. Внимателно најавија реформи во социјалната сфера. Реформите во социјалната сфера овозможуваат поголема флуктуација и можност за сокривање, избегнување по споредни канали кога имаме прогресивно одданочување. Мора да има системски пристап во борбата со сивата економија, да работи на транспарентноста, да утврди кој навистина е богат, која класа, имотите кои се луксузни и она што е најважно, да работи на креирање клима за да може да ја воведе новата реформа, затоа што даночните обврзници веќе се навикнаа на претходната даночна околина“ – вели Треновски.

Аналитичарите се загрижени за тоа дали навистина овие пари собрани од побогатите ќе ја намалат социјалната нееднаквост во Македонија. Сметаат дека кога еднаш парите ќе се слеат во буџетот, не можат да се следат дали завршуваат за социјалните категории или за тековни потреби. Владата вчера најави дека од повисокиот персонален данок ќе прибере 25 милиони евра повеќе во државната каса.

Тања Попова