Власта во тешка битка: Да имаше 80 пратеници како што тврдеа, немаше што да ја молат опозицијата

Ако власта го имаше она што тврди дека го има, 80 пратеници за уставните измени, нема што секојдневно да ја повикува опозицијата да го поддржи овој процес, сметаат познавачите. Во оваа ситуација Димитар Ковачевски и Бујар Османи не се во позиција да поставуваат рокови, бидејќи сами ги прифатија условите кои ни доаѓаат со Францускиот предлог. Според аналитичарот Синиша Пекевски, владините потези последниов период, наликуваат како тие само да сакаат да покажат пред јавноста дека нешто работат.

-Не ја разбирам нивната потреба сето ова да го наметнуваат преку јавноста, затоа што пред извесно време излегоа и кажаа дека имаат 80 пратеници. Ако имаат обезбедно кворум од 80 пратеници за уставните промени, не знам зошто они тоа би го инсистирале во јавноста и би го протежирале. Мислам дека се тоа дневно политички работи кои ги прават во јавноста, со цел да се покаже дека нешто се работи, изјави Пекевски.

Јасно е дека главна цел на власта подолг период е изгласувањето на уставните измени, а според Пекевски доколку евентуално не успеат во тој процес, би требало самите да понесат одговорност. Сепак според него тоа сценарио нема да го видиме.

-Има некакви тонови на придвижување од опозицијата дека се спремни промена на Уставот, но реално јас не мислам дека има простор да се смени, заради тоа што нема волја ниту кај пратениците, ниту волја има во јавноста за овие промени, затоа што гледаме дека притисокот кој што го врши Бугарија е тотално ирационален и воопшто не доликува на европска земја која протежира да има европски вредности, изјави Пекевски.

Власта претходно во повеќе наврати се фалеше дека имале 80 пратеници за изгласување на измените во Уставот, за сега министерот за надворешни работи Бујар Османи да каже дека тек сега се работело на убедување на опозициските народни избраници.

-Ние работиме на две паралелни патеки, со опозицијата во целина и се разбира со пратениците во Собрание, како се отвора јавната дебата таму низ комисии итн, изјави Османи.

Инаку, опозицијата е цврста на ставот дека уставни измени под овие услови за нив неприфатливи. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски понуди поддршка за нивно изгласување, но само доколку истите влезат во сила при влезот на државава во ЕУ.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста