Власта ветува чисти избори – ДИК апелира сите да помогнат за процесот да биде успешен

Власта гарантира дека претстојните претседателски избори ќе бидат кристално чисти и фер бидејќи од нив зависи добивањето на датум за преговори со Европската унија. Вицепремиерот за евро-интеграции Бујар Османи по средбата со претседателот на ДИК Оливер Деркоски порача дека Изборите се одржуваат во најдобар и во исто време во најлош момент за државата, бидејќи ќе завршат еден месец пред донесување на одлуката за преговори со Брисел. Државата е под лупа на земјите членки за тоа дали има демократски капацитети да спроведе фер и коректни избори, а од впечатокот што ќе го дадеме за постоење на таквите капацитети многу ќе зависи каква ќе биде проценката во јуни.

Деркоски пак, со апел до сите чинители во изборниот процес да помогнат на изборите да не се случат грешки. Додава дека нема да има никакви проблеми со избирачкиот список, завршен е увидот, над 60 илјади граѓани се јавиле да проверат дали се во него. Гарантира дека на претседателските нема да има таканаречени фантомски гласачи.

Во врска со кривичните пријави поради сомневањата за полнење кутии на референдумот Дерковски рече дека нив ги поднела политичката партија ВМРО-ДПМНЕ и оти обвинителството од ДИК побарало соодветни податоци и материјали, кои Комисијата им ги доставила, а се понатаму е работа на Јавното обвинителство. Деркоски го исправи и вчерашниот лапсус со објаснување дека неопходноста од 40 проценти излезност на гласачите важи само во вториот круг, бидејќи без цензус нема да биде избран претседател. Во првиот круг се гледа само кои двајца кандидати добиле најмногу гласови, но нема можност изборите да пропаднат ако при првото гласање излезат помалку од 40 отсто од вкупниот број на запишани гласачи.

Драган Милосављевиќ