Власта ветува, експертите велат реформи нема – почетокот на преговорите со ЕУ виси

Власта ги ветува, опозицијата и експертите велат дека не постојат, а ЕУ студено ги чека. По промената на името и Договорите со соседните земји, премиерот и неговиот тим мораат да испорачаат цела низа суштински реформи за да го оправдаат оптимизмот со кој го чекаат јуни и силно најавуваниот почеток на преговорите за членство во европското семејство. Таканаречениот План 18, иако помина планираниот рок, се уште не е имплементиран, но вицепремиерот за евроинтеграции Османи уверува дека Владата направила страшно многу и тоа во „неверојатно комплексни внатрешни околности“, со што државата останала сериозен кандидат за започнување на преговори.

Експертската јавност не се согласува со оптимизмот на владините функционери и порачува дека тој нема реална подлога. Потенцираат дека Европската комисија сака да види вистински, суштествени реформи во сите сфери, особено во правосудството, а не само силни зборови и голема желба.

Слаѓана Тасева смета дека премиерот всушност се надева на политичка одлука од ЕУ, бидејќи и самиот знае дека реформи нема. На иста линија се дури и некои од медиумските поддржувачи на власта, кои отворено велат дека решавањето на спорот за името не може да биде оправдување за неисполнетите ветувања и реформи. Дополнуваат дека оваа Влада е веќе во втората половина од мандатот и не може да се вади со објаснување дека немало време или сили за реформи, а досега покажаните перформанси ниту од далеку не се задоволителни.

Драган Милосављевиќ