Владиниот законски карван за автопатите си врви и покрај знакот СТОП на ЕУ

Владиниот законски карван за автопатите си врви на брза лента и покрај јасниот знак за СТОП од Европската унија во однос на злоупотребата на нивното знаме. Евроамбасадорот Дејвид Гир и денеска, како и минатите денови упорно предупредува дека владејачкото мнозинство премногу често го користи европското знаменце за носење закони на брза лента. Ковачевски се правда и вели дека знамето им требало политички, односно за да поминат поевтино автопатите. Брисел бара пред да се стави европското знаменце да се  направи консултација помеѓу сите политички партии и тоа да биде исклучително за усогласување на европската легислатива.

.Се разбира ние имаме редовни контакти со Владата во врска со ова прашање, меѓутоа и со ред други прашања и се разбира дека секогаш сме подготвени да ја сослушаме Владата што има да каже во врска со ова прашање и со други прашања што не засегаат сите нас. И што се однесува до самата опозиција ние сме во редовен дијалог и со неа за прашањата што тие ги покренуваат, изјави Гир.

Премиерот Димитар Ковачевски како да не е загрижен за критиките од ЕУ. Неговата изјава само потврдува дека петте закони не се поврзани со европската легислатива, туку тоа го направиле само од политички причини. Одлучиле законите да одат на Комисијата за европски прашања,бидејќи оваа комисија ќе овозможела нивно побрзо усвојување.

Станува збор за два исклучително важни коридора, но и за други стратешки инвестициски проекти кои се прават или ќе се прават во државата, во делот на патната, железничката или енергетската инфраструктура. Владата поднесе пет измени на закони, односно усогласувања, за да се овозможи побрза и поефикасна градба, но и градба со финансиска конструкција која ќе биде пониска од она што е со постојаната регулатива, рече Ковачевски.

И опозицијата претходно остро реагираше за, како што велат, злоупотребата на европското знаменце. Тие испратија и допис до сите амбасади на земјите членки на ЕУ и до Европската Комисија и предупредија дека власта ги крши европските вредности во време кога Македонија стреми да стане дел од европското семејство.

Адријана Алексиеска

Advertisements