Влада – има скандали и пропусти, нема оставки и одговорност

Уште едно премислување или само политички театар: зошто премиерот не го повика директно генералниот секретар на партијата Александар Кирацовски да си поднесе оставка, откако Антикорупциска комисија кристално заклучи дека има мешање на овој близок соработник на Заев во вработувањето на негови роднини.
На 21 февруари, на прашање на Алфа за непотизмот, Заев, во придружба на Кирацовски одговара со најпофални зборови за него.
-Не верувам дека членови на семејството се примени надвор од законот. Немам таков доказ ниту пак некој истакнал, се работи за етичкиот дел и етичкиот однос на појавите кои денес веќе ни се случуваат. Не гледам некаква одговорност. Господинот Кирацовски е пратеник во Собранието, секако е пратеник во Собранието и генерален секретар во СДСМ секогаш транспарентен во своите постапки Изјава: Зоран Заев, претседател на Влада, 21.02.2019.
Откако антикорупциска утврди непотизам, Заев со силни зборови ветува чистка меѓу функционерите и владата, ама никако да го повика генералниот секретар да си даде оставка.
-Директно наредба испраќам до сите, веднаш да се повлечат од работните места кај што се. Директно! Само така ќе функционира системот, рече Заев на 24. 4. 2019.
Дали на Кирацовски не му може ништо ни вперениот прст од антикорупциска? Зошто комисијата воопшто се конституираше со транспарентен процес, како врвен реформски приоритет, ако нејзината одлука нема важност ниту сила за функционерите од типот на Кирацовски? Зошто премиерот директно не му побара оставка?
Многу „зошто“, но веројатно одговорите јасно се надзираат во коментарите на секретарот на СДСМ:
-Немало никакво влијание, не знам кој дал таква информација, но погрешна е, коментира Кирацовски.
Антикорупционерите констатираа дека се сомнителни околностите за вработувањето на неговата сестра Мирјана Јосифовска, како и мајката и таткото на неговата сопруга, Борче и Мери Поповски.
Покрај Кирацовски, судир на интереси и непотизам комисијата констатираше  и во случајот на сестрата на министерот Бектеши, потоа синот и мајката на пратениците Мира Стојчевска и Костадин Костадинов, сестрата на министерот култура Асаф Адеми, кај сопругот на државниот секретар во МНР, Магдалена Несторовска, како и кај роднина на прилепскиот градоначалник Илија Јовановски.
Но не е само непотизмот, сите скандали што изминатите две години се случија не повлекоа оставки. А Заев кога беше лидер на опозицијата тврдеше оти „ќе му каже збогум на секој кој нема да испорача резултати“. Два месеци откако влезе на Илинденска, соопшти дека двајца функционери се под истрага за корупција, но тој скандал потоа се изгуби низ месеците. По ова следеше скандалот со фондот за иновации, и изненадувачката изјава од Заев. Рече оти „ако дели оставки, како потоа ќе нашол луѓе што ќе работат во власта“.
-Они не го кршат ни законот, зошто да побараме оставки? Ако така ние бараме оставки, после ќе се мислиме од каде да најдеме луѓе кои ќе сакаат да бидат ангажирани во власта. Апсолутно луѓето постапуваат етички, и јас тоа го поздравувам, рече Заев на 25.07.2018.
Оставки ниту Заев бара, ниту посочените даваат. Може ли да се стигне во ЕУ со реформи без реформирање?
Искра Коровешовска