Владата ја подготвува јавноста – Македонија може да остане без преговори со ЕУ

Вицепремиерот Османи ја подготвува јавноста за можното сценарио – да не добиеме датум во јуни. Причина не закочениот реформски процес, туку техничка, вели Османи: временскиот теснец од објавата на Извештајот за напредокот на земјава што ќе се случи на 29 мај, и рокот од само 20тина дена кога секоја земја одделно ќе треба да пресече дали Македонија заслужува датум или не. Иако секоја година Извештајот се објавува во април, овој пат прво заради нашата кампања, а потоа и заради изборите во Европската Унија, се одложува за крајот на мај.
Османи е оптимист дека сепак сите земји членки ќе стигнат да одлучат, а најкомплицирано било во Германија и Холандија. Ако една не успее, датум нема.
Тој не им посвети големо внимание на негодувањата на Франција и Холандија како најскептични за стартот на преговорите. И не само тие ами и Белгија прецизно порача оти Преспанскиот договор не е доволен за евроинтегративниот напредок на земјава.
-Оддаваме признание за решавањето на спорот за името, но тоа не го прави помалку потребно покажувањето напредок во другите области, вели Стеф Блок, министер за надворешни работи на Холандија (МИА, 18.03.2019)
-Спорот за името беше еден вид предуслов, и беше извонредно исполнет, сега сакаме законите да се изгласаат, но и да се спроведат, и знаеме дека спроведувањето е секогаш најкомплицираниот дел, рече Дидие Рејндерс, министер за надворешни работи на Белгија (МИА, 18.03.2019).
Османи останува оптимист. Вели ако не успееме во јуни, Европа ризикува да останеме изолирани и да се движиме во различен правец од европскиот што пак може да биде опасно.
Еден од условите за солидна бриселска јунска оценка е и законот за обвинителството, за што Османи порачува дека има шанси да се постигне договор, меѓу СДСМ и ВМРО ДПМНЕ. Кога – не знае- но ако го има Џафери би свикал седница за истиот да се донесе.
Искра Коровешовска