Владата уште не знае кога ќе ги отвара економските канцеларии

Владата се уште не знае кога ќе ги отвара долго најавуваните 3 економски канцеларии. Засега е познато дека тие ќе функционираат во Турција, Германија и САД, но не и колку ќе чини нивното функционирање. Иако Владата како опозиција ги критикуваше 33-те економски промотори кои во минатото носеа странски инвестиции, сега тврди дека на сличен принцип, со економски промотори во економски канцеларии, но со пониски трошоци, ќе постигне исти ефекти.

Исто како и претходната, и оваа Владата ќе бара високообразувани економски промотори, по големо познавање на странски јазици. Вицепремиерот Анѓушев вели дека огласите за работа ќе бидат транспарентни, а на нив ќе можат да се јават и иселеници кои го завршиле образованието и живеат и работат во странство.

„Можеби ќе биде и некој од тие кои се иселени од Македонија имаат завршено образование во странство и живееат моментално таму, јас ќе бидам среќен да ангажираме и дел од тие луѓе“, рече вицепремиерот Анѓушев.

СДСМ во опозиција критикуваше дека економските промотори чинат многу, но не ги даваат очекуваните резултати. Владата сакаше да отвори места за економски аташеа во амбасадите и конзулатите, за на крај да одлучи повторно да го прифати концептот на економски промотори, но кои наместо на 30, ќе бидат стационирани на само 3 локации.

Тања Попова