Владата удри по работничките права, поништен колективниот договор за шумската полиција 

Владата удри по работничките права ,  за прв пат во историјата на Македонија  откажан е колективен договор. Станува збор за договорот во Министерството за земјоделство , шумарство и водостопанство кој опфаќа 1000 вработени .  Колективниот договор во Минситерството бил донесен во февруари 2021 година и сега со отказот ќе трае уште шест месеци, поточно до 10 април, што значи дека вработените во шумска полиција ќе земаат плата уште шест месеци по колективен договор, а после нема да важат ни јубилејни награди, ни бонуси . 

Владата го укинува колективниот договор по увидот на Државниот инспекторат за труд, кој не нашол ништо спорно во самиот договор, туку  незаконски биле преговорите ,  а пак  Министерот наводно немал полномоштво да го потпише договорот.

Ова во најмала рака е исмевање на колективните договори, понижување на вработените и е показател дека утре на ист ваков начин ќе посегнат да откажуваат и други колективни договори и да ги намалуваат правата на вработените како и кога ќе сакаат , рече претседателот на Синдикатот на УПОЗ Трпе Деаноски

Од Министерството за да го изиграат колективното работење сакале платите на шумска полиција да ги префрлат во Законско решение, но во текот на вчерашниот ден, Сектретаријатот за законодавство упатил налог во Министерството дека платите на шумската полиција се регулираат исклуќиво со колективен договор и на ниту еден друг начин.

Најголем грев во колективниот договор на шумската полиција се  јубилејните награди кои никогаш не биле исплатени .

„ Го информирам и министерот за земјоделство дека против него и против други лица ќе бидат поднесени кривични пријави согласно член 166 став 1 од Кривичниот законик, поради неисполнување на правата од колективниот договор“, подвлече претседателот на Синдикатот на УПОЗ.

Од Синдикатот на УПОЗ предупредуваат дека Владата нема да застане тука и ќе оди до крај додека не се укинат колективните договори кои ги заштиттуваат правата на работниците.

Еден механизам за ова е и новиот Правилник на МТСП кој вика дека ако нема согласност од Министерството за финансии неможе да се потпише колективен договор. Од МТСП тврдеа дека овој правилник се носел за да се заштити Буџетот , додека синдикатот предупредува дека со овој правилник ќе се оневозможи да се продолжат и колективните договори во јавниот сектор и општиот колективен договор во приватниот сектор.

Кристина Алексиеска

Advertisements