Владата тактизира, граѓаните префрлаат од шупливо во празно – мерки нема
Земјите од соседството преземаат мерки за да го ублажат ценовниот шок, а македонската Влада се уште тактизира. Кој ќе добие помош, на каков начин, ќе се заузда ли конечно секојдневниот растат на цените на прехрамбените производи?! Овие прашања и натаму остануваат неодговорени. Граѓаните префрлаат од шупливо во празно, а бизнис заедницата се жали дека до сега никој не ги консултирал за некакви мерки.
Кој ќе добие помош и каква? Владата веќе втора недела по ред најавува некакви мерки за убложување на ценовниот шок, но никој не знае какви. Бизнис заедницата не е консултирана, а граѓаните се збунети за кого ќе важат мерките, дали за сите или само за ранливите категории.
- Од медиумите дознаваме дека се подготвуваат мерки. Не можам сега да кажам за што станува збор, подобро да ни пишете писмено, ќе ви одговориме, рече Јадранка Аризанковса од Стопанската комора на Македонија.
Додека граѓаните чекаат антикризни мерки, цените на речиси сите прехрамбени производи секојдневно растат. Ако се суди според изјавите на министрите Бесими и Бектеши, замрзнувањето на цените или мерките како во соседна Србија со кои 20 основни животни производи ќе се продаваат за 20 до 40 отсто пониски цени , засега не е опција.
- Ова значи дека продолжува субвенционирањето на електричната енергија за домаќинствата и парното греење. Има доволно средства, работиме на деветиот пакет антикризни мерки. Дополнително ќе се оди со таргетирање до крајот на годината, за поддршка на најранливите категории, истакна Бесими на прес-конференција во Владата откако информира дека е донесена Одлука за прераспределба на Буџетот.
И додека соседството предлага низа мерки за ублажување на ценовните шокови, нашата Влада само анализира без ништо да преземе. Па така, минималната потрошувачка кошница од месец во месец само расте, и во август била близу 50.000 денари за едно просечно семејство.
Бранот поскапувања, според економските експерти, главно се должи на тоа што земјава нема доволно домашно производство на храна. Според светскиот сајт „Ворлд топ импортс“, Македонија е на 98 место меѓу стоте најголеми увозници на млеко и лани за тоа се одлеале 28,6 милиони долари, што е раст од 32,5% во однос на 2018.
Во исто време, само лани за увоз на сирење биле потрошени 32,3 милиони долари, што земјава ја позиционира на 83 место меѓу стоте увозници на овој млечен производ. Државава, главно увезува млечни производи од Словенија, Германија, Хрватска, Полска, Србија и БиХ.
Во меѓу време, дополнителен удар за грѓаните ќе биде и поскапото ДДВ, кое е дел од даночната реформа за над 1.000 производи.
Борис Грујоски