Владата среќна што ќе плати „само“ 21,5 милиони евра, а не 42,6 милиони евра за непочитување на договорот за ОКТА

Македонија имала многу добри адвокати кои издејствувале државава да плати „само“ 21,5 милиони евра за непочитување на договорот за ОКТА. Во спротивно сме требале да платиме речиси 43 милиони евра колку што изнесувало побарувањето од ОКТА вкучувајќи ги и каматите. Вака Владата се правда откако Арбитражниот суд во Париз пресуди Македонија да плати висока казна бидејќи согласно договорот не купувала доволна количина од Грција, односно 500 илјади тони мазут годишно. Во моментов се анализирала пресудата, по што Владата ќе одлучела кои следни чекори да ги преземе. Претходно грчките и француските медиуми објавија дека Македонија ќе треба да плати 25,6 милиони евра.

Грчките медиуми информираат дека сумата која Македонија треба да ја плати од народни пари, ќе биле вложени во модернизација на нафтоводот Скопје – Солун. Се уште е нејасно дали вложувањето во нафтоводот од грчка страна ќе значи и намалаување на македонскиот удел во фирмата која стопанисува со него, а кој во монетов изнесува 20%. „Хеленик Петролеум“ има 80% сопственост.

Нафтоводот Вардакс прекина со работа во 2013 година, кога ОКТА престана да работи како рафинерија. И двете земји со нетрпение очекуваат овој нафтовод повторно да се рестартира. Беше поднесено и барање за лиценца до Регулаторна за пренос на дизел.

Инаку ова е втора пресуда која произлегува од штетниот договор за продажба на Окта, потпишан во далечната 1999-ма година. Со него, државата беше обврзана да купува 500 илјади тони мазут годишно, што беше неколкупати повеќе од потребното, а и еколошки неприфатливо, па земјава престана да ја почитува обврската од договорот.

Хеленик Петролеум уште во 2009 година покрена постапка, по што Македонија плати 40 милиони долари казна за непочитување на договорот. Со новата сума, вкупните казни ќе достигнат 70 милиони евра.

Тања Попова

Advertisements