Владата се уште нема одлука за докапитализирање на МБПР

И покрај барањата на стопанството, Владата ја одложи докапитализацијата на Македонската банка за поддршка на развојот. Откако бизнисот побара повеќе пари како помош за финансирање на планираните инвестиции, Владата вети дека ќе го зголеми капиталот на банката, но сега премиерот Заев вели дека тоа останува опција, но не соопшти кога би се реализирала. Со години МБПР ги пласираше евтините странски кредити преку деловните банки, но немаше доволно свои пари за поголема помош на бизнисот.

Токму инвестициите на компаниите потфрлија во вториот квартал и покрај растот од 3%. Бруто инвестициите се намалија за дури 11%. Евтините кредити од Европската Инвестициска банка кои се пласираа преку Македонската банка за поддршка на развојот и деловните банки во голема мера во изминатава деценија им помагаа на фирмите полесно да вложуваат во нови капацитети и опрема по пониски каматни стапки. Претходната Влада, на овој начин пласираше 350 милиони евра во стопанството, а сегашната допрва почнува. Од денеска на фирмите им е достапна поволна кредитна линија од 100 милиони евра од ЕИБ.

Поединечно секоја компанија во наредните две години може да добие пари за финансирање на проекти во вредност од 6 илјади до 3 милиони евра. Кредитите ќе се даваат со камата од 3 и пол отсто, со грејс период од 2 до 4 години и рок на враќање од 12 години. Од тоа дали фирмите забрзано ќе инвестираат ќе зависи растот на економијата годинава. И покрај тоа што Народната Банка предупредува од се уште постоечките ризици, Владата останува оптимист дека растот од 3.2% е се уште достижен. За разлика од неа, Светска Банка и Европската Комисија излегоа со пониски проекции за економски раст од 2.3 и 2.7%.