Владата се уште нема анализа за отпис на долговите за струја, редовните плаќачи гневни

Приватни компании ќе отпишуваат долгови, но Владата продолжува да се фали дека благодарение на неа, на корисниците на струја ќе им бидат простени неподмирените обврски. Додека неплаќачите едвај чекаат да им се избришат долговите, поголем дел од јавноста негодува, редовно плаќаат струја, но сега се демотивирани и се прашуваат дали и понатаму дисциплинирано да си ги плаќаат сметките или пак, да чекаат ваква слична одлука во иднина. И покрај тоа што премиерот Заев излезе со бројка од 110 милиони евра долг на 200 илјади граѓани, Владата нема сериозна анализа за вистинскиот ефект со овој потег. Се уште не се знае колку од оваа сума е основен долг, а колку натрупани камати низ годините, ниту пак дали ќе опадне дисциплината на плаќање комуналии во земјава.

„Компаниите тешко можат да ги наплатат овие долгови и ние предлагаме да ги отпишат со што ќе се ослободат граѓаните од тужбите пред судовите“, рече Анѓушев.

Од ЕВН засега молк. Не изнесуваат конкретни детали, ниту пак кога ќе има конечно решение, велат се уште преговараат со Владата. Граѓаните меѓу другото, се бесни бидејќи Владата само во последниве две недели најави дека со нивни пари, од државниот буџет ќе го покрива неплатениот откуп на грозјето и штетите од „пензиската афера“, односно 19-те милиони евра непрефрлени пензии од државниот пензиски фонд во приватните фондови. Од Владата велат, целта била единствено да им се помогне на овие категории жители.

Дел од експертската јавност веќе ги нарече овие мерки популистички за купување гласови пред избори. Трите потези предвидуваат простување на долговите на неплаќачите во висина од 110 милиони евра и земање на над 20 милиони евра од народните пари од буџетот, 19 милиони за непрефрлените пензии и уште милион и пол за долгот на две приватни винарници кон лозарите.

Тања Попова