НАЈНОВИ ВЕСТИ

Владата се плаши од Алфа: Нашиот медиум повторно не e повикан на патување на премиерот Ковачевски

Алфа Телевизија повторно на црната владина листа. Ниту во Вилнус, Литванија на Самитот на НАТО, нашиот медиум ја нема привилегијата која ја имаат другите, да ги следи патувањата на владината делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски.

Проблематично е што ова не е изолиран случај. Алфа не беше повикана да отпатува ниту во Словенија, Молдавија, Австрија, Италија, Германија.

Очигледно е дека функционерите се плашат од микрофонот на Алфа. Од владиниот ПР тим повторно молк на конкретните прашања, зошто нашиот медиум повторно не е повикан на владино патување.

Прашања од Алфа до Владата:

Зошто повторно Алфа Телевизија не е повикана на настан во странска држава организиран од Владата?

По кој основ и по какви критериуми се бираат медиумите кои се повикуваат на владините патувања?

Додека ПР тимот на Владата повторно молчи на овие прашања, премиерот Димитар Ковачевски се правдаше дека системот на ротација, кој очигледно секогаш ја исфрлува Алфа од игра, биле клучен за тоа кои медиуми ќе патуваат на државен трошок на патувањата на премиерот. Ковачевски ни кажа дека еднаш сме биле викнати на патување во Белград.

-Медиумите се повикуваат на систем на ротација и при последната билатерална посета официјална на Србија, мислам дека беше телевизија Алфа дел од медиумите, ако добро се сеќавам, меѓутоа тоа службите го знаат и го проверуваат. Меѓутоа, нема никаква селективност, само принцип на ротација со оглед на луѓето што можат да бидат дел од делегација и да се покријат соодветните трошоци, изјави Ковачевски.

Минатата година, пак, Владата со лажни вести се обиде да се испере зошто секогаш ја заборава Алфа. Тогаш тврдеа дека не сме биле доволно гледани за да бидеме поканети иако според мерењата на независната американска агенција Алфа е третата најгледана телевизија во Македонија со континуиран раст на рејтингот. Веројатно проблемот на владините функционери се незгодните прашања што ги поставуваат нашите новинари, како на пример, за тоа, колку чинеше посетата на Америка на премиерот Ковачевски и кој го плати патувањето на неговите деца со него. Рокот за одговор на барањето согласно законот за информации од јавен карактер истече, а од кабинетот се уште само молк. Алфа поднесе жалба и до Агенцијата за пристап до информации од јавен карактер.

Матеја Петровски