Владата се оградува од случувањата во ИВЗ, партиите ги осудуваат

Исламските верници треба сами да си одлучат кој ќе им биде лидер, бидејќи државата не може да се меша во религиозни работи. Вака премиерот Зоран Заев ги коментира актуелните превривања во Исламската верска заедница. Тој вели дека нема да ги коментира судските одлуки за ИВЗ бидејќи според него тоа можело да се толкува како политичко мешање.

Реагираа и од Комисијата за односи со верските заедници. За нив клевета биле обвинувањата на реизот Сулејман Реџепи кој рече дека Комисијата и Владата дека се вмешани во последниот скандал со ИВЗ.

„Комисијата за односи со верските заедници, ниту нејзиното раководство на ниту еден начин не е вмешана во последните случувања и превирања во ИВЗ. Задржувајќи го личното и институционалното реноме на високо ниво нема воопшто да се впуштаме во понатамошна комуникација со лични дискредитации и инсинуации“, велат од Комисијата.

Осуда за случувањата во ИВЗ упатија и од ВМРО ДПМНЕ. Оттаму велат дека мешањето на државата во внатрешните работи на верските заедници е тотално неприфатливо.

„Да се потсетиме само во минатото дека потпретседателот на Заев, потпретседателот на СДСМ даваше квалификации за челникот, односно поглаварот на ИЗВ каде што го нарекуваше резил, зло, заштитена мечка и слично. Ваквото мешање најостро го осудувам се уште еднаш и очекуваме надлежните институции кои всушност дојдоа по нарачка и го остварија она што го гледавме вчера дека ќе се повлечат и дека ќе ги преземат сите мерки за расчистување на овој случај“, посочи Јанушев.

За вицепремиерот Бујар Османи, скандалозен и срамен чин на упад врз автономијата на ИВЗ. Тој ја повика државата да ги преземе сите мерки за да ја гарантира независноста на врските заедници.

Пратеничката група на ДУИ во Парламентот, вчерашната судска одлука за ИВЗ ја оценија како апсолутно неприфатлива и побараа длабоки реформи во судството.

Од Алијансата за Албанците, пак, велат дека поглаварот на ИВЗ лично потврдил оти подолго време бил инструментализиран од политиката и како таков велат не заслужува да ја врши неговата должност. Од партијата на Села додаваат дека ваквата судската одлука донесена помеѓу два изборни циклуса, отвора сомнежи оти повторно целта е ИВЗ да се користи за политички цели.

Биљана Божиновска