Владата се огласи: 70 илјади евра годишно за полнење на владините стомаци

70 илјади евра годишно за полнење на владините стомаци. Набавките вредни 50 илјади евра за млад јунешки бифтек и јунешки рамстек од А категорија, како и 20-те илјади за морски плодови, риба и октопод се за колични потребни за една година за државните институции, информира владината ПР служба. Покрај за Владата Службата за општи и заеднички работи, ги храни и првиот човек на државата и собранискиот спиекр.

-Според договорот, сукцесивно се повлекува стоката зависно од потребите. Во распишана јавна набавка се користи максималната можна сума или количина на производи која би можела да се искористи, а не точната сума или количина на производи. После истекот на календарската година, се фактурираат само потрошените односно набавените производи. Тоа значи дека кога се распишува јавната набавка, не се доставуваат сите производи и количини, туку низ цела година според потребите на различните институции, а потоа се фактурира само според потрошеното, кое може да биде под максималната сума на набавката, велат од Владата.

Министерот за финансии Фатмир Бесими пак без прецизен одговор за овој случај, само порача дека намалени биле сумите за стоки и услуги, а објавувањето на овие информации било доказ за отвореноста на власта.

-Секоја институција што прави, секако дека ова е уште еден резултат на транспарентноста и секој нека си објасни за што станува збор. Јас ги немам деталите, ова сега го слушам од вас, можете да ги прашате соодветните институции. За буџетот јас ви кажувам конкретни бројки дека на два пати значително е намалена ставката за стоки и услуги, изјави Бесими.

За полесно варење на храната, покрај за свеж бифтек и морски плодови, Владата пие и скапо кафе, за кое преку јавна набавка платени се повеќе од 7 илјади евра пари на граѓаните.

Ова не е прв пат Владата да се луксузира. Во ек на пандемијата од ковид 19 со пари на граѓаните си купуваа и илјадници литри алкохол. Опозицијата тогаш обвини дека на Илинденска си набавиле и два тони сортно вино, 45 литри бурбон, 90 литри шкотско виски и 30 литри шапмањ.

Пари се трошеа и за златни чинии, кои беа платени 88 евра од парче, како и за ножеви за кои се даваше во 20 евра од парче.

Матеја Петровски