Владата се задолжува, јавниот долг се намалува?

Владата продолжува да се задолжува, но се фали дека го намалила јавниот долг. Откако бројките покажаа дека јавниот долг за три месеци е зголемен за 40 милиони евра на вкупно 5,242 милијарди евра, но е намален како процент од БДП и изнесува 46.2% од БДП, премиерот Заев вели дека оваа статистика покажува дека економијата расте. Сите показатели досега укажувале дека БДП ќе расте според планираното, односно 3.2% годинава.

„Со информацијата дека јавниот долг се намалува, Министерството за финансии сака да ги побие спротивните аргументации, пред се на опозицијата, кои се лажни. Јавниот долг не расте споредено со БДП, туку се намалува и за почит се економските параметри кои покажуваат 625 милиони евра инвестиции, раст од 5,5 отсто на БДП во апсолутен износ, зголемување на индустрискиото производство со 8,8 проценти, раст на увозот и извозот од слободните зони кој е поголем од 27 проценти, во време кога нема апсолутно задолжување на државата во споредба со претходните пет – шест години кога задолжувањето беше три милијарди евра“ – рече премиерот Зоран Заев.

Од министерството за финансии објаснуваат дека јавниот долг статистички бил намален за 2.3 процентни поени, односно паднал од 48.5 отсто на 46.2%, но не и во вкупен обем, поради повисокиот БДП остварен во последните три месеци лани. Уверуваат дека долгот е стабилизиран.

„Владата води одговорна политика на јавен долг. Ако претходно јавниот долг беше брзорастечки и од 2008 до 2016 година порасна од 23% од БДП на 48,8% од БДП, сега, согласно последните податоци тој изнесува 46,2% од БДП. Стабилизацијата на долгот се должи на прудентните и успешни политики за менаџирање со долгот“ – велат од министерството за финансии.

Јавниот долг од 2017 година досега е зголемен за 455 милиони евра. Кога го носеше буџетот за годинава Владата најави дека нема да издава нова еврообврзница, но редовно ќе се задолжува на домашниот пазар. Пред две недели министерството за финансии се задолжи за 39 милиони евра кај банките, но веќе следниот ден врати приближно иста сума. Веќе следната недела следи нова емисија на државни хартии од вредност во вкупен износ од 19.4 милиони евра. Во среднорочната стратегија, Владата предвиде да го зголеми јавниот долг до 53% од БДП до крајот на 2021-та година.

Тања Попова