Владата се задолжува за фантастични 130 милиони евра

Владата денеска се задолжува за фантастични 130 милиони евра. На денешната аукција на државни хартии од вредност ќе се повлече износ од 8 милијарди денари. Во текот на утрешниот ден и на 9-ти март министерството за финансии ќе се раздолжи за 129 милиони евра.

Ова е последно задолжување во низа. Јавниот и државниот долг веќе достигнаа 49% од Бруто домашниот производ и надминуваат 5 милијарди и 200 милиони евра.

Ова едноставно кажано значи дека за државата да се раздолжи секој граѓанин треба да даде по 2 илјади и 600 евра.

Во последните две години долгот е зголемен за дополнителни 500 милиони евра. Со најновите законски измени се во собраниска процедура, долговите на државните органи, агенции и јавни претпријатија за кои не била издадена државна гаранција ќе влезат во пресметката на јавниот долг.

Министерството за финансии, се уште нема информации ни дали општините почнаа да се раздолжуваат кон компаниите на кои не им плаќаа со години наназад. Откако лани, со ребаланс на буџетот им одобри 50 милиони евра за да си ги подмират обврските, и по 3 месеци, министерството не знае дали локалните власти почнале да ги враќаат долговите. Тие имаат рок до крајот на јуни, во спротивно, ќе треба да ги вратат парите во државниот буџет.

Борис Грујоски