Владата против Пендаровски: Ќе чекаме уште еднаш да не навреди, па ќе му забраниме влез на Џамбаски

Ќе чекаме Џамбаски уште еднаш да ни каже дека Македонија е бугарска, Македонците се Бугари, државава вештачка творба на Јосип Броз Тито, па да му забраниме влез во Македонија. Ова ни го кажа министерот за надворешни работи Бујар Османи, откако Владата не го прифати предлогот на претседателот Стево Пендаровски на неколку бугарски државјани да им биде забранет влез во државава.

-Јас таа порака ја дадов од Софија и кажав мислам дека од денеска од дента кога ја кажав таа изјава ние треба да воведеме принцип, кој ќе навреди на територија на Република Северна Македонија постоење на македонски народ и ќе покаже територијални претензии или пак постоење на било кој друг народ и заедница истиот ден треба да му се забрани понатамошен влез во Република Северна Македонија и мислам дека овој принцип треба да ни биде основа, изјави Османи.

Според министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски требало време за евентуално да се донесе одлука за забрана за влез во државава. Директно го запрашавме дали на Џамбаски ќе му биде дозволен влез на четврти февруари, за чествувањето на роденденот на Гоце Делчев, на што министерот ни одговори одлуката ќе била носена токму тој ден.

-За секоја одлука треба да има и време и момент кога таа ќе биде донесена (Господине Спасовски кажете ми ако се појави Џамбаски на граница на четврти февруари ќе го вратите ли?) Ќе одлучиме на четврти февруари, изјави Спасовски.

Решението на македонските власти да не му забранат влез, секако ќе го искористи Ангел Џамбаски. Иако како што кажа не планирал на четврти февруари да дојде во Македонија, сепак последните случувања го натерале да го стори тоа, ќе дојдел да се поклони пред како што го нарече Бугаринот Гоце Делчев. Споменувајќи црни историски моменти, порача дека не смеело да се забрани влез во државава на лидер на неговата партија, потсетувајќи на атентатот на Александар Караѓорѓевиќ во 1934-тата година во Марсеј.

-Пендаровски, познат како Стево Коминтерната, рече дека ќе ми забрани да се поклонам пред саркофагот на Бугаринот Гоце Делчев?! Не можам да одбијам толку убава покана. Стево, те чекам да дојдеш!, порача Џамбаски.

Димитар Ковачевски, иако премиер вели немал надлежност да забрани некому влез во државата, тоа било работа на МВР, кои требало да работат согласно законот за страници и одредбите кое лице не смеело да влезе во државава, поради нарушување на меѓународните односи на државата и внатрешниот поредок.

Матеја Петровски

Advertisements

Поврзани вести