Владата предничи околу истрагите – Судот и ОЈО не знаат кој треба, а кој не треба да оди во притвор!?

Врз кој основ Владата врши проценки за постапки и одлуки на истражните органи, па на официјална пресконференција, се чувствува повикана да даде свој став за третата власт – судската која треба да биде независна. Владиниот портпарол на денешната редовна средба со новинарите, без да биде прашан од присутните изнесе став во врска со одлуката на судот по барање на обвинителството за притвор на 30 годишна скопјанка на која МВР и поднесе кривична за неовластена продажба на наркотици.
– За владата на РМ одлуката за притвор од 30 дена, делува престрого во однос на стореното дело – рече Миле Бошњаковски, портпарол на Влада на РМ
Алфа побара одговор, кој е ставот на Владата за останатите лица кои се во притвор за исти или други кривични дела. На што добивме сосем различен одговор.
„Секој граѓанин кој го прекршил законот треба да одговара за сторените дела. Македонија е правна држава“, стои во одговорот на Владата.
Како извршната власт, носи одлуки за постапки на суд и обвинителство и како прави селекција кој е основано, а кој неосновано притворен, нема одговор. Во ваквите владини ставови, познавачите препознаваат супституирање на судството, притисок врз истражните органи и свесно наметнување на недоверба во овие институции. Според МВР, 30 годишната скопјанка е позната на полицијата, тврдат дека и претходно имала пријави за истото дело.
– На 8 октомври извршен е претрес кај лицето М.Р. на улицата Мите Богоевски во Скопје, при што се пронајдени 40 милилитри хашиш смола, 12 милилитри хашиш масло, семки од канабис, околу 40 грама марихуана помешана со тутун, шприцеви и други предмети. Ова лице инаку и претходно е приведувано за ова кривично дело и против него се водат и други кривични постапки – изјави Тони Ангеловски, портпарол на МВР.
Судот по барање на обвинителството  одреди 30 дена притвор за осомничената.

Катерина Гетева