Владата поставува терен за недобивање на датум во јуни?

Дали Владата го подготвува теренот за недобивање датум за почеток на преговорите во јуни? Деновиве премиерот и министри, зборуваат за можен датум „оваа година“, веќе јуни не се гарантира. Денеска индиректна порака испрати и министерот за информатичко општество, Манчевски. Од Брисел, преку МИА, изразува „загриженост дали државата ќе има капацитет за кадровски да одговори на преговарачкиот процес со ЕУ“. Станува збор за преговарачките тимови, чиј состав помпезно се најавуваше, токму од Владата, дека ќе биде финиширан уште во октомври 2018. До сега тимовите требаше да се познати и да работата.

-Испраќам апел до сите граѓани, експерти, луѓе кои работат во невладин сектор, во приватни компании, да размислат да се вклучат во овој процес. Ни требаат сите можни ресурси, ние ги немаме многу, сериозно сме загрижени за следните покрупни фази од преговарачкиот процес, вели Дамјан Манчевски, министер за информатичко општество и администрација.

Дека работите не одат во насоката за која Владата гарантираше, прв најави вицепремиерот Османи. Причина, техничка, рече тој „можеби до јуни ќе немало време земјите да одлучат дали ќе ја поддржат Македонија или не“. Иако се трудеше да звучи оптимистички, сепак јасно кажа оти ако само една земја не успее, датум нема.

По него, и премиерот Заев престана да зборува за датум во јуни, ами само за очекувања „оваа година“. За последново зборуваше и Шеќеринска. Инаку Хан всушност порача дека земјава најреално може да очекува препорака за подготвителна фаза во јуни, а не датум.

-Прво ќе имаме датум. Јас верувам дека оваа година, нашата земја ќе добие конкретен датум за преговори, и немам дилема околу тоа. Посебно, знаејќи дека остана уште еден закон низ политички дијалог да го договориме и не верувам дека причината за недонесување, не дај боже, на овој закон ќе биде на наша страна. Затоа што, транспарентно го изготвивме овој закон, изјави Заев.

Во меѓу време Франција и Холандија, прецизно порачаа оти Преспанскиот договор не е доволен за евроинтегративниот напредок на земјава.
-Оддаваме признание за решавањето на спорот за името, но тоа не го прави помалку потребно покажувањето напредок во другите области, изјави Стеф Блок, министер за надворешни работи на Холандија.

Министерот за надворешни работи на Белгија, Дидие Рејндерс посочи „Спорот за името беше еден вид предуслов, и беше извонредно исполнет, сега сакаме законите да се изгласаат, но и да се спроведат, и знаеме дека спроведувањето е секогаш најкомплицираниот дел“.

Еден од условите за солидна бриселска јунска оценка е и законот за обвинителството, за кој постои оптимизам за договор, но дали и кога ќе биде исполнет – не знае.

Искра Коровешовска