Владата скрои историски најголем буџет за следната година

Македонија ќе има рекордно најголем буџет наредната година – 3.4 милијарди евра приходи и дури 3,7 милијарди евра расходи од државната каса. И покрај тоа што дефицитот од 287 милиони евра е понизок од лани и зафаќа 2.5% од БДП , јавниот долг ќе ја пробие границата од 54% од БДП – најавува Тевдовски. Вели дека Владата нема повторно да издава еврообврзница, но ќе продолжи да се задолжува редовно на домашниот пазар.

На јавната презентација на буџетот за 2019-та, синдикатите останаа револтирани по најавите за 10% раст на платите на лекарите специјалисти од јануари и 5% раст на платите за сите здравствени, просветни и културни работници, воспитувачките во градинките, администрацијата, вработените во одбраната, полицијата и судството од следниот септември. Велат сите тие кубурат со пари со години, па оваа мерка нема да ја зголеми продуктивноста. Загрижени се бидејќи токму на кадрите каде што има најголемо иселување во странство, Владата мислела најмалку.

Капиталните инвестиции, повторно се проектирани на високо ниво од 418 милиони евра. По катастрофалните резултати годинава, и намалувањето до 300 милиони со ребалансот на буџетот, останува дилемата дали и сега тие ќе останат само на хартија и ќе се скратат со ребаланс или за првпат Владата ќе успее да го реализира планираното.

Буџетот за следната година е скроен врз основа на проекции за раст од 3.2% исто како и лани. Инфлацијата треба да изнесува 2 отсто, нето платите да растат за 4.5%, а невработеноста да се стабилизира на 20%. За пензии ќе се потрошат рекордни 917 милиони евра, од кои 457 милиони се директен трансфер од буџетот. Нешто повеќе или 460 милиони евра ќе чинат платите за административците догодина.

Тања Попова