Владата не се откажува – ќе им ги зголеми платите на вицепремиерите по секоја цена

Владата по секоја цена сака да им ги зголеми платите на сопствените вице премиери. И покрај жестоките критики од јавноста, во Собранието во понеделник се отвора расправа по Предлог-законот за изменување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица, со кој замениците на Заев ќе добијат зголемување на месечните приходи за околу осум илјади денари. Иако по претставка од една политичка партија Уставниот суд го укина членот на актуелниот закон со кој на вице-премиерите им се дозволуваше зголемување на платите, Владините експерти пронашле начин повторно да ги наградат петмината, преку таканареченото терминолошко усогласување на овој закон со Законот за Влада, со што ќе се создадела законска основа за пресметка на платата на вицепремиерите. Со измените на Законот за платата коефициентот за утврдување плата на заменик-претседателот на Владата ќе се пресметува со 4 наместо 3,70. Поедноставено, ова значи дека вицепремиерите Хазби Лика, Кочо Анѓушев, Бујар Османи, Радмила Шекеринска и Оливер Спасовски ќе добиваат по осум илјади повеќе секој месец.

Од партијата која еднаш веќе го блокираше зголемувањето на платите во владата, недомана најавија дека и овој Закон ќе го анулираат со помош на Уставниот суд.

  • Левица ќе поднесе нова претставка до Уставниот суд за платите на вицепремиерите да бидат вратени на претходното ниво – изјави Здравко Савески од Левица.

Во услови кога економијата стагнира, се најавува намалување на пензиите, на пазарџиите им се воведуваат лиценци, а платите во јавниот сектор тапкаат во место, синдикалните организации порачуваат дека се бесни поради фактот дека на целата мака на обичните граѓани, владата како приоритет си го поставува зголемувањето на платите на оние кои и онака имаат многу. Најавуваат протести низ целата земја, а можна е и радикализација и организирање на генерален штрајк во јавниот сектор.

Драган Милосављевиќ