Владата не планира интервентна мерка за лозарите – ќе ги убедува винарниците да платат повеќе

Владата за сега не планира да го субвенционира откупот на грозје како што тоа го стори лани. Министерот за земјоделство вели дека оваа сезона ќе се обидат да ги убедат винарниците да им платат повисока цена на лозарите. Тој вели дека лани со интервентната мерка за исплата на еден денар по килограм продадено грозје од сортите вранец и смедеревка, од буџетот биле потрошени 100 милиони денари.

„Во моментот не би размислувале за интервентна мерка затоа што се уште не е дефинирана крајната цена. Сакаме да имаме состанок со винариите, да видиме каков им е планот и да издејствуваме пазарот да го даде денарот“, вели министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски.

Од здружението на лозари од Кавадарци денеска алармираат – ако владата не најде итно решение за зголемување на откупната цена, која според нив е најниска во регионот, на повидок е лозарско – винарска катастрофа. Прашуваат како ќе ја надоместат разликата помеѓу трошоците за производство и продажната цена која е пониска за пет денари.

„Оваа година вкупните трошоци за производство на еден килограм смедеревка или вранец, ќе бидат од 15 до 20 денари по килограм, а откупните цени од 11 до 13 денари за килограм. Ако на тоа се додадат и субвенциите по хектар од владата тоа ќе значи дека за еден килограм предадено грозје смедеревка, производителот ќе добие вкупно 12 до 13 денари, а за вранецот до 15 денари. Само по себе се наметнува прашањето: Дали е нормално некој да произведува нешто за 20 денари и да го продава за 15 денари“, пишаа од здружението Напредни лозари – Кавадарци.

Ова не е прв пат лозарите да алармираат за ниските откупни цени на грозјето. Викендов лозари од Тиквешијата се пожалија дека се незадоволни од преговорите со винарниците, кои на еден месец пред бербата им нудат до 30 отсто пониски цени.

Лозарите претходно побараа грозјето да биде стратешки производ со заштитена цена и тоа стриктно да биде наведено во законот за вино.

Инаку, според првичните проценки на Министерството, годинава винарниците ќе откупат околу 105 милиони килограми винско грозје, а се очекува производителите да произведат околу 125 милиони килограми.

Биљана Божиновска