Владата не знае колку ќе чини двојазичноста – нови пари, униформи, вработувања…

Владата не знае колку точно ќе чини Двојазичноста, иако до неодамна се тврдеше дека за имплементација на новиот Закон за употреба на јазиците ќе бидат потребни нешто над 1.7 милиони евра. Се покажува дека оваа операција не само што државата прескапо ќе ја плати со дополнително нарушување на меѓуетничките и интеретничките односи, туку и во финансиска смисла ќе чини премногу.

Иако повеќето експерти одбиваат да калкулираат со конкретни бројки, сите се согласни дека таа сериозно ќе ја погоди економијата и ќе удри по џебот на сите граѓани, бидејќи освен државните институции, ќе го засегне и приватниот сектор. Секоја државна институција ќе мора да има албански преведувачи за документацијата. Вработените што ќе имаат комуникација со граѓаните ќе мора да знаат и македонски и албански јазик а тоа чини и пари и ресурси. Имплементацијата на законот нема да ги засегне само Владата и Собранието туку и министерствата, царината, судството, училиштата, здравството, јавните претпријатија, а одраз ќе има и врз адвокатите, нотарите, извршителите. Дури и фискалните сметки ќе треба да се издаваат на двата јазика, што исто така ќе предизвика нови трошоци.

За да функционираат Агенцијата за примена на јазикот и Инспекторатoт за употреба на јазиците, потребно е да се издвојат дополнителни средства. Во Агенцијата, покрај овластени судски преведувачи ќе се вработат и лингвисти и дипломирани филолози по албански јазик, како и лиценцирани лектори. Инспекторатот за употреба на јазиците ќе биде во состав на Министерството за правда, но ќе има својство на правно лице. Инаку, во рок од шест месеци називите на институциите треба да се напишат на три јазици, македонски, албански и англиски. Според експертите сосема е реално дополнително да се јават и нови трошоци кои исто така ќе треба да се плаќаат од парите на граѓаните.

Двојазичноста нема само да го празни туку и ќе го полни буџетот – предвидени се големи казни за нејзино неспроведување.

Доколку органите не ги почитуваат одредбите од законот ќе се соочат со глоба во износ од 4.000 до 5.000 евра, а службеното лице ќе плати 30% од одмерената казна.

Драган Милосављевиќ