Владата нема одговор како ќе не спасува од новиот ценовен шок

Мерките за заштита од ценовни шокови  истекуваат за една недела, а планови за нови Владата се уште нема и покрај сите укажувања дека на повидок е нов удар.  

Експертите посочуваат дека првиот фокус мора да биде на амортизирање на ценовните шокови, а мерката како намалување на ДДВ-то треба да продолжи. Според познавачите, треба и да се креираат програми кои ќе им помогнат на социјалните категории.

Економските политики треба да бидат насочени во две насоки: на среднорочен и краток рок. Првиот фокус на креаторите на економските политики треба да биде амортизирање на негативните ефекти од ценовните шокови и зачувување колку- толку на животниот стандард и купувната моќ на граѓаните и во овој контекс, онаа мерка за намалување на ДДВ треба да продолжи. Треба да се креира нови социјални програми за различни категории на граѓани особено во делот на покривање на шокови од зголемување на цената на енергенсите, вели економистот Дарко Лазаров.

Најавите беа дека откако ќе се дознае колкава е сумата која со ребалансот се обезбедува за помош на граѓаните, ќе знаеме какви се мерките кои ќе следат. Дали ќе бидат доволни 76-те милиони засега е тешко да се каже, велат експертите. Лазаров посочува дека рекордниот дефицит  во проектираниот ребаланс е можно да предизвика  потешкотии за нови мерки.

Многу е тешко во оваа фаза да се предвиди со оглед на фактот дека не знаеме какви ќе бидат и колку ќе бидат тие ценовни шокови. Како што видовме со овој предлог на ребаланс на Буџетот се предвидува рекорден дефицит од 700 милиони евра или 5,4 отсто од БДП што може да ја наруши ликвидноста, односно фискалната консолидација на земјата о периодот кој следи. Тоа е многу важно бидејќи ако не се задржи фискалната кондиција на државата и ако се искористи целиот фискален простор, понатаму маневарот за нови мерки и поттикнување на растот на државата би бил сериозно ограничен, додава Лазаров.

Владата до сега освен уверувања дека се грижи за граѓните и дека нема место за паника не покажа конкретни чекори. Уверувањата се дека Буџетот е ликвиден и дека пари за поддршка на граѓаните има. Министерот Бесими во колумна се обрати до граѓаните дека во случај на потреба била проектирана соодветна резерва за нов пакет на мерки.

Поддршка на економската активност имаме и преку капиталните расходи, кои се на највисоко ниво досега. Во случај на потреба имаме проектирано соодветна резерва која ќе ја искористиме за нов пакет на мерки, напиша Бесими.

Инаку,  укинувањето на ДДВ – то и ограничување на трговската маржа на 5 и 10 посто беа воведени како мерки за ублажување на ценовните шокови предизвикани од енергетската и руско-украинската криза.

Кристина Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста