Владата купи време – со 100.000 евра го одложи штрајкот во „Еурокомпозит“

Со ветување за 100 илјади евра одложен за денеска закажаниот штрајк во „Еурокомпозит“. Власта ги убеди вработените дека до утре Министерството за внатрешни работи ќе префрли пари со кои ќе добијат по една минимална плата и со кои ќе се плати дел од долгот за струја со што ќе може да се рестартира производството. Еуркомпозит веќе три недели е без електрична енергија.

– При денешната средба со раководството најавено ни е дека најдоцна до утре ќе се направат напори парите да бидат префрлени на сметката на фирмата. Токму затоа, одлуката – што понатаму – ќе ја донесеме утре. Доколку не стигнат средствата, ќе ја активираме најавата за протести, изјави Роберт Богданоски, претседателот на синдикатот на „Еурокомпозит“.

Од почетокот на годинава вработените во прилепската компанија неколку пати протестираа и Владата неколку пати префрлаше пари на загубарот и уверуваше дека работи на трајно решение.

Вицепремиерот Кочо Анѓушев завчера вети дека за еден месец дел од вработените ќе бидат прогласени за технолошки вишок и ќе добијат отпремнини а крајно решение за загубарот најави за една до две години до кога треба да биде пронајден и стратешки партнер.

Вкупно 260 вработени побаруваат 20-на заостанати плати и придонеси за шест години.

Борис Грујоски