Владата конечно одлучи: По дури еден месец донесена одлука да се одземе државјанството на украинскиот олигарх Онишченко

Неколку затворени владини седници, притисок од јавноста, секојдневни медиумски известувања за големиот скандал. Се ова беше потребно за Владата, по дури речиси еден месец, конечно да одлучи да му го одземе државјанството на Олександар Онишченко, човек баран со потерница за криминал од над 100 милиони евра во својата Украина, кој се наоѓа на црниот список на САД. И покрај сите овие факти Владата чекаше дури еден месец за одземање на државјанството на украинскиот олигарх.

-Владата го задолжи Министерството за внатрешни работи да постапи веднаш по донесената одлука за поништување на одлуката за прием на Онишченко во државјанство на Република Северна Македонија, информираат од Владата.

Иако за профилот на Онишченко можеме да дознаеме со само едно вкуцување на Гугл, Владата очигледно не го направила тоа. Па тој доби македонски пасош. Откако беше објавен скандалот, прво неколку дена имаше молк од владините функционери, за потоа премиерот Димитар Ковачевски да стане огорчен и да побара истрага за овој случај.

-Во однос на одговорност да, штом ќе има извештај тогаш мора да има одговорност, тогаш ќе мора да има одговорност за тоа што е направено и јас нема да отстапам од барањето на одговорност, изјави Ковачевски.

Одговорност на крајот имаше, но не од некој функционер, туку од обични службеници во АНБ. Сценарио кое го наговести и директорот на Агенцијата, Виктор Димовски, кој уште пред расветлување на случајот, кажа дека вината била кај обични вработени, но не и кај него. 

-За лицето и евентуално други инволвирани во наведениот слуачај ќе си бидат преземени законски мерки, изјави Димовски.

Од опозицијата цело време порачуваат дека одговорност за овој голем скандал мора да има, но не само од службеници, туку и од владините функционери, во прв ред министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и директорот на АНБ Виктор Димовски.

Матеја Петровски

Advertisements