Владата им ги скратила, тие не се ги скратиле: Спротивно на одлука членови на управни и надзорни одбори си земале повеќе пари од законски пропишаното

Владата им ги скрати, сами не си ги кратат. Едно одлучуваат Ковачевски и колегите, друго членовите на Управните и надзорни одбори поставени од власта. Пред една година, на владината седница на 30 јули 2021-ва донесена е одлука, за кратење на финансиските средства на членовите, претседателите и потпретседателите на овие тела.

Сепак, ако ја отвориме алатката Отворени финансии, можеме да видиме дека оваа одлука не важела за сите. Таков е примерот со шефот на Управниот одбор во Фондот за здравство, Дејан Николовски. Тој наместо 12.000 илјади кој треба да ги добие си добивал 100 евра повеќе, последната уплата од 18 илјади е на 27 јули годинава.

-Утврдувањето на висината на надоместоците да биде во износ не повеќе од 12.000 денари за претседател, 11.000 денари за потпретседател или заменик претседател, 10.000 денари за членови, се вели во владината одлука од 30.07.2021-ва.

Очигледно некои не ја виделе или не сакале да ја видат одлуката на Владата, па си се носеле по онаа претходната донесена на 20 април 2021-ва, каде се зголемуваат месечните надоместоци за овие луѓе, поради зголемувањето на минималната и просечната плата.

-Владата во врска со надоместоците за претседателите и членовите на управните и надзорните одбори одбори за контрола на материјално- финансиското работење и совети заклучи во сите институции од јавниот сектор во кои се именуваат управни и надзорни одбори, одбори за контрола на материјално- финансиското работење и совети висината на надоместоците на истите да биде во износ од не повеќе од 18.000 денари за претседател и не повеќе од 15.000 за членовите, имајќи го предвид зголемувањето на минималната плата и просечната плата во Македонија, пишува во владината одлука од 20-ти април 2021-ва.

Освен претседателот кој секој месец зема по 18 илјади денари, неговиот заменик зема 17, а обичните членови по 15 илјади денари.

Инаку, Николовски кој барем според алатката Отворени финансии, не постапува по оваа владина одлука, според нашите информации е вработен во Министерството за финансии. Институција која се подготвува за промена на даночниот систем, со цел поголем прилив на финансии од граѓаните, поради економската криза во која се наоѓа државата.

Матеја Петровски