Владата за сега не размислува да им помогне на училиштата доколку останат без греење претстојната зима

Оваа зима во школо со потопла облека – владата за сега нема стратегија да им помогне на училиштата да обезбедат нафта доколку се соочат со недостиг поради енергетската криза.

На прашање од АЛФА што планираат да преземат  претстојната зима и дали училиштата ќе се соочат со недостиг на нафта, посочија дека училиштата треба да  штедат, а надлежноста за греењето била на локалните самоуправи кои добивале блок дотации од МОН.

Со цел да се постигне рационално искористување на електричната енергија на седница на Владата на Република Северна Македонија минатата недела беше усвоен сет на препораки и задолженија за намалување на потрошувачката на електрична и топлинска енергија во Република Северна Македонија кои треба да се применуваат во периодот од 1 септември 2022 до 31 март 2023 година. Дел од препораките се однесуваат и на општините и градот Скопје под чија надлежност се основните општински и средни училиштата и МОН упатува апел за нивно доследно почитување во посочениот период – информираат од Влада.

Според ова, очигледно Владата ги остава училиштата да се снаоѓаат како знаат и умеат, а општините веќе имаат свои предлози и барања. Гостивар ќе побара од МОН зимскиот распуст да биде два месеци, а учебната година да заврши во јуни, како и училишната струЈа да се плаќа како за домаќинстваТА, а не како индустриска.

Како општина ќе поднесеме две барања до Министерството за образование, првиот зимски распуст да биде декември-јануари, односно два месеци, а летниот распуст да трае околу месец и половина, односно во јуни да заврши учебната година и на 15 август да почне новата учебна година. Второто барање ќе биде училишната струја да ја плаќаме како за домаќинствата, а не како индустриска“, изјави Арбен Таравари, градоначалник на општина Гостивар.

Додека кај нас се  следи, анализира и порачува да се  штеди   , останатите држави сериозно се подготвуваат за кризата. Пример полската Влада усвои закони со кои државата ќе дава субвенции за  греење од други извори за домаќинствата, училиштата и болниците.  Германија исто донесе мерки за штедење, но, кај нив за разлика од кај нас ги иззема градинките и училиштата.  Според оговорот од Влада, не размислуваат изгледа ни да го повторат примерот од 2012 кога тогашната Влада ги отвори државните резерви за да обезбеди греење во 71 македонска општина за училиштата откако градоначалниците не можеа да обезбедат пари за греење поради големите долгови на локалните самоуправи поврзани со образованието.

Со сегашната прогласена кризна состојба поради  само се овозможува државата да и помогне на ЕСМ, а Владата ќе продолжела будно да следи што ќе се случува.

Кристина Алексиеска