Владата денеска треба да прогласи кризна состојба во енергетиката, бизнисот во последен обид да издејствува помош со високите сметки за струја

Прогласувањето на кризна состојба во енергетиката значи и старт за мерките за штедење на јавните институции, како и за казните за директорите кои нема да го сторат тоа. Кризната состојба се прогласува за државата да може директно да располага со народните пари, како и да се активира веќе дадениот заем од ЕБОР на државните електрни во вредност од 100 милиони евра. Овие пари ќе се искористат за набавка на јаглен, мазут, гас, но и за купување струја од странство. Дополнителните финансии треба да овозможат вкупните енергетски капацитети да работат „турбо“, односно со 100% искористеност на капацитетите. Бизнисмените во последен обид пред прогласување на кризната состојба да ги алармираат надлежните за крајно незавидната состојба во која се наоѓаат. По состанокот со економските министри, излегоа со 3 барања за да се спаси економијата од колапс – да се укине ДДВ за струја за производните компании, да се замрзне цената на струјата по примерот на соседните држави, субвенции за дел од трошоците за струја и поедноставени процедури за поставување фотоволтаици. Бараат итна реакција – во спротивно до Нова Година ќе затворат и ќе следи бран откази за вработените.

„Многу фирми се одлучуваат ако работеле во 3 смени, да работат во една. оние кои работеле во една, можеби во ниедна. Ваква цена на струјата, ниту една цена на производ не може да ја совлада, така што дефинитивно ние како економија ќе бидеме нерентабилни и за разлика од оние земји кои имаат фиксна, контролирана цена на струјата, за жал нашите извозни компании нема да можат да пласираат производи на тие пазари“ – вели Трајан Ангелоски, претседател на Сојуз на стопански комори.

„Под итно треба да се реагира, да се формира еден вид на штаб, којшто со зачестени состаноци , ќе можеме да функционираме и овие наши барања и предлози кои и писмено ќе ги доставиме , заеднички да ги решиме. Овој штаб да функционира додека траат овие кризи и оваа состојба со бизнис секторот“ – вели Неби Хоџа од Стопанската комора на северозападна Македонија.

Студен туш од Владата. Индивидуални мерки не биле решение – им порача Вицепремиерот Битиќи на бизнисмените. Вели за да им се помогне на стопанствениците, товарот требало сите да го поделат. Ја наведе даночната реформа – односно дека допрва требало да се разговара за укинување на ДДВ за струјата за дел од фирмите. Ќе имал редовни состаноци со стопанските комори.

„Ако се задолжиме за да помогнеме на стопанството, свесно ќе влеземе и стопанството и Владата во таква работа, и ќе знаеме дека некој ќе треба да го плати тоа задолжување, а дали се тоа поголеми даноци заедно ќе одлучиме“, рече вицепремиерот Фатмир Битиќи.

Бројките се алармантни. За 7 месеци, згаснале 5.400 компании. Лани од регистарот, пак, биле избришани 7 илјади фирми. Цените на струјата изминатите денови рушат рекорди. Ако во понеделникот мегавтчас на берзата за струја HUPX се продаваше за 400 евра за ден однапред, денеска цената достигна 700 евра .

Инаку, кризната состојба ќе трае 30 дена, но Владата сака да ја пролонгира до крајот на март следната година. За тоа да се случи, процедурата ќе продолжи во Собранието, бидејќи „зелено светло“ треба да дадат пратениците. Инаку, директорот на ЕСМ Васко Ковачевски, порача дека е се поизвесно струјата повторно да поскапи од Нова Година.

Тања Попова