Владата денеска или најдоцна во петок ќе расправа по предлог амандманите што ги подготви работната група
Уставот се менува во три фази. Во два наврати треба согласност на две третини од вкупниот број пратеници.
Уште на самиот почеток е потребно двотретинско мнозинство, за да се утврди оти е потребна измена. Дури потоа се утврдуваат нацрт-амандманите, за што е доволно само просто мнозинство од најмалку 61 пратеник и на крај, амандманите треба да се усвојат повторно со дво-третинско мнозинство, односно, со најмалку 80 гласа.
Првата фаза ја започнува овластен предлагач, во овој случај Владата. Тие ја започнуваат иницијативата, која откако ќе се подготви, министерството за правда ја проверува техничката уредност, се преведува и на Албански, по што тие ја враќаат до Владата, која треба да ја испрати до Собранието. Според деловникот, овие процедури не можат да траат повеќе од 20 дена. Најмногу десет дена може да се дебатира во Комисијата за уставни прашања и, исто така, максимум десет дена на пленарна седница на парламентот.
- „Член на комисијата за уставни прашања и пратеник во текот на претресот може да говори повеќе пати, во траење од вкупно 20 минути. Координатор на пратеничкта група вкупно 30 минути.“ – Член 196 од деловникот на собранието.
Правилата пропишани во Деловникот не предвидуваат говор подолг од 30 минути ниту на предлагачот, па по пресметките, се стигнува до заклучок дека првата фаза теоретски може да трае најмалку 5 дена. Таа се заокружува со првото гласање каде е потребно дво-третинско мнозинство.
Откако Собранието ќе ја пробие првата бариера, започнува втората фаза. Подготовка и утврдување на нацрт-амандманите. Роковите во деловникот предвидуваат 30 дена за оваа постпака.
- „Текстот на нацртот на амандманите на Уставот со образложение, предлагачот го доставува до претседателот на Собранието кој го доставува до пратениците и до претседателот на Републиката и до Владата, кога не се предлагачи, најдоцна 30 дена пред одржувањето на седницата на Собранието.“ – Член 197 од деловникот на собранието.
И во оваа фаза пратениците исто така се ограничени со излагања не подолги од 20 минути. За утврдување на нацрт-амандманите, потребни се најмалку 61 глас, со што започнува меѓу фазата, амандманите одат на јавна дискусија, чие времетрење го одредува Собранието.
Третата и крајна фаза започнува кога крајната верзија на амандманите конечно ќе се најде пред пратениците. Тие имаат најмалку 30 дена за дебата, односно претрес во законодавно правната-комисија, комисијата за уставни прашања, како и на пленарна седница, процеси за кој деловникот предвидува прецизни рокови.
Конечната одлука за усвојување на уставните измени се носи со најмалку 80 гласа, која би била и последната бариера. Но, бидејќи во овој случај станува збор и за промена на преамбулата, освен двотретинско, услов е и Бадентеровото мнозинство, односно гласовите на пратениците од помалите етнички заедници.
Ако постапката се брза и се одвива според најкусите можни рокови, за финализирање на трите фази, теоретски ќе бидат потребни најмалку три и пол месеци.
Никола Цветкоски