Владата ги усвои уставните амандмани: Влезот на Бугарите во Уставот сега ќе патува кон Собранието

Со Бугарите во Уставот влегуваат и Хрватите, Црногорците, Словенците, Евреите и Египќаните. Така барем стои во предлогот на Владата, која ги усвои уставните амандмани, кои по итна постапка треба да патуваат во Собранието. Според соопштението на владиниот ПР тим, Ковачевски и колегите го прифалите она што од нивна страна веќе беше прифатено со Францускиот предлог.
-Интервенциите се однесуваат на додавање делови од народи во Преамбулата и членовите 49 и 78 од Уставот, при набројувањето на деловите од народи во нашата држава. Односно, во формулацијата: „Граѓаните на Република Северна Македонија, македонскиот народ, дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите“, после зборот бошњачки народ се става запирка и се додава: бугарскиот народ, хрватскиот народ, црногорскиот народ, словенечкиот народ, еврејскиот народ и еѓипќанскиот народ, се вели во владиното соопштение.
Ако амандманите утре влезат во Собрание, пленарната седница за потребата од отворање на Уставот Џафери ќе ја закаже за 19 август, односно најмалку 30 дена откако уставните амандмани ќе влезат во собраниска процедура. Комисиската расправа ќе почне идната недела, најверојатно в понеделник. Според собранискиот Деловник, расправата трае најмногу 10 работни дена, што може да е и пократно со оглед на цврстиот став на опозициската ВМРО-ДПМНЕ . Сепак, ако комисиската расправа трае 10 дена, дебатата за потребата од уставни измени може да трае до половината на август, бидејќи на 26 јули Собранието има активности за одбележување на скопскиот земјотрес, а на 2 август се прославува Денот на Републиката.
Сепак се ова паѓа во вода, со оглед што опозицијата не дава поддршка. Јасен и цврст е ставот на ВМРО-ДПМНЕ, дека уставни измени нема да има под овие услови и со бугарски уцени и условувања. Тоа го потврди и потпретседателот на партијата, Александар Николоски, кој порача дека притисок за уставни измени врз ВМРО-ДПМНЕ е невозможен, има само лобирања кои не ги прифаќаат.
-Не го прифаќам зборот притисок затоа што притисок можат да ви направат доколку имаат за што да ве притиснат, ако нема тогаш нема. За среќа ова раководство на ВМРО-ДПМНЕ нема за што да е притиснато, имаме луѓе кои се чисти како солза и посветени на својата работа и не можат да бидат притиснати, уценети или натерани да бидат да прават работи кои не се согласно нивните убедувања, изјави Николоски.
Инаку, претставниците на Вајмарската Тројка денеска се сретнаа со собранискиот спикер Талат Џафери, пратеници на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, Алијанса за Албанците, Алтернатива и БЕСА. Антонио Милошоски пренесе дека од неговата партија порачале дека уставните измени нема да бидат поддржани. ВМРО-ДПМНЕ биле за Европската Унија, но не и за уцени од соседна Бугарија, кои би донеле.
Матеја Петровски