Владата ги спасува општините на грбот на стопанствениците

Општините се обидуваат да се ослободат од долговите на грбот на стопанството. Откако Владата реши да им помогне со 50 милиони евра да вратат половина од долговите за колку толку да застанат на нозе, тие сега бараат фирмите целосно да им ги простат каматите и да се откажат од дел од главницата. Бизнисот негодува бидејќи приоритет ќе имаат оние фирми што ќе прифатат што повеќе да ги намалат побарувањата од локалната власт. Уште на стартот на преговорите, општините инсистираат да им се прости дел од сумата. Ова на општините им го овозможи Законот за финансиска поддршка на единиците на локалната самоуправа за финансирање на доспеани, а неплатени обврски.

„Приоритет при исплата на доспеаните, а неплатени обврски, имаат обврските со кои спогодбено со доверителот е постигнато целосно откажување од каматата и намалување на главницата на побарувањето за 15%“ – член 12 од Законот за финансиска поддршка на единиците на локалната самоуправа за финансирање на доспеани, а неплатени обврски.

Бизнисмените не сакаат да коментираат пред камера, но велат дека се чувствуваат уценети. Сметаат дека ако не ги прифатат условувањата од општините, нема да видат ниту денар. Освен тоа, општините сами ќе одлучуваат кон кои фирми ќе се раздолжуваат, па стопанствениците се плашат од селективност. Голем дел од овие фирми кубурат со пари, земале кредити за да им сработат на општините, имаат трошоци, плаќаат даноци. Во просек чекаат општините да им платат 3 години, а некои од нив и многу подолго. Се наоѓаат на работ на егзистенција, па ако локалната власт не им плати во целост, некои од нив ќе стават клуч на врата. Дополнително од ден на ден се менува бројот на општини со блокирани сметки. И покрај тоа што судот им дозволува лимит на средства за да можат да функционираат, тие се за основни потреби, па фирмите немаат надеж дека некогаш ќе наплатат. Дополнително, ако не се договорат со фирмите, општините ќе треба да ги вратат парите во државната каса.

„Во услови кога вкупниот договорен износ на општината и единките корисници по доверители за финансирање на доспеани, а неплатени обврски е помал од доделените средства согласно со членот 5 од овој закон, вишокот на средства општината ги враќа во Буџетот на Р. Македонија најдоцна до 31 јули 2019 година“ – стои во член 11 од Законот за финансиска поддршка на единиците на локалната самоуправа за финансирање на доспеани, а неплатени обврски.

Иако Владата првично излезе со сума од 120 милиони евра долг на општините вклучувајќи ги и каматите, тие пријавија само 100 милиони неизмирени обврски. Ако фирмите се откажат од каматите и дел од главницата проценките се дека стопанството може да биде оштетено од 15 до 45 милиони евра. Најзадолжени општини во Македонија се Охрид, Тетово, Карпош, Битола и Струга чии обврски достигнуваат скоро половина од вкупните долгови на локалната власт.

Тања Попова