Владата ги промаши мерките, ако не стигне вистинска помош редица фирми ќе стават клуч на врата

Власта очигледно ги промаши мерките со кои се пофали дека сака да помогне во надминување на последиците од кризата. Дилемите се со кого се консултирала пред истите да ги скрои, оти тие во ништо не му помагаат на стопанството кое бара спас за да може да го преживее енормниот удар на цената на струјата. Стопанската комора предупредува дека ако нема конкретна помош, редица фирми ќе стават клуч на врата, а илјадници луѓе ќе останат без работа.

Илјадници луѓе ќе останат без работа, а стотици компании ќе стават клуч на врата доколку Владата итно не излезе со мерки и не помогне за ублажување на последиците од скапата индустриска струја. Стопанската Комора на Македонија алармира дека следува екстремно тежок период, особено за малите и средни претпријатија. Првиот човек на Комората, Бранко Азески, вели дека Владата мора да се однесува одговорно и да им помогне, а не да носи козметички мерки кои немаат никаков ефект.

  • Ако Владата не му помогне на бизнисот кој е соочен со енормни сметки за струја, ќе има намалување на производството, затворања на капацитетите и отпуштања на вработени, предупреди денеска претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески и соопшти дека вечерва претставници од Комората ќе имаат средба со премиерот Димитар Ковачевски.

Во Комората во овој момент илјада отсто ќе се третира само едно прашање – цената на струјата.

  • Ако Владата не интервенира и не помогне во оваа ситуација, нема друго решение освен да затвораме. Се надеваме дека нема да дојде до тоа, сите ги знаеме проблемите кои се трупаат 30 години и со тоа ниско држење и субвенционирање на цената на струјата сега изгледа огромно тоа покачување во ваква ситуација. Тоа е прв и основен проблем на компаниите и има најава од неколку компании дека ќе почнат да размислуваат за намалување или за затворање на производството и отпуштање на вработените, изјави Азески пред посетата на компанијата „Костал Македонија“ во Охрид заедно со останатите членови на Управниот одбор на Коморскиот инвестициски форум.

Тој потсети дека Комората веќе побарала помош од Владата.

  • Побаравме енергично Владата да помогне и да се произнесе по ова прашање. Вечерва имаме средба со премиерот, а вчера е формирана меѓуресорска комисија која наредните десет дена треба да го подготви предлогот врз основа на предлози што ги даде Комората, да оцени дали се прифатливи или не, а потоа средба со премиерот веројатно ќе одржи за десетина дена, истакна Азески.

Според него, искуствата од регионот покажуваат дека во сите шест држави компаниите се во поповолна позиција зашто имаат субвенционирана струја, односно струја со определна цена која е директно од сопственото производство.

  • Ние сме на слободниот пазар и плаќаме огромни суми кои се движат и до 350 евра, а при комплицирана ситуација на прекин на рускиот гас во Европа, може да дојде до уште двојно поголемо зголемување на цените, рече Азески.

На иста линија се и во Конфедерацијата на работодавачи. Велат дека Владата требало да делува на време, како што тоа го направиле сите земји од регионот и од Европа.

  • Уште една која може да помогне на најбројните – малите и средни компании, но и на занаетџиите, е ревидирање на цената на струјата во насока на нивното работење, односно голем број од сите работат со индустриска струја која е преската, треба да добијат олеснување. Сметаме дека од септември октомри натаму ќе се соочуваме со уште поголема криза, за која ќе мора да сме подготвени и не да е козметички решено сето ова, вели меѓу другото за Алфа, Миле Бошков, претседателот на Конфедерацијата на работодавачи на Македонија.

Рречиси месец дена економските министри ги немаше никаде. Вчера конечно се појавија во јавноста и промовираа неколку мерки – забранет извоз на огревно дрво, пелети, пченица и брашно, укината царина за увоз на масло за јадење до крајот на годината.

И додека Македонија вчера воведе вакви мерки, Словенија на пример истиот ден најави интервентен закон за намалување на ДДВ за сите енергетски производи. Не само за струја и природен гас, туку и за мазутот и дрвната биомаса.

Стопанските комори велат дека нашата Влада го игнорира најголемиот проблем – екстремно скапите енергенси кои влијаат на нивното работење и на крајната цена на сите производи.

Борис Грујоски

Поврзани вести