Владата ги изненади експертите за стерилизација – бараат итна средба со Филипче

Одлуката на Владата да ја приватизира стерилизацијата во хируршките сали ги изненади експертите. Збунети од ваквото решение на надлежните, од Асоцијацијата за дезинфекција и стерилизација прашуваат – како за толку кратко време била изработена физибилити студијата и што точно таа покажала? Бараат итна средба со министерот Филипче, со цел да му укажат кои биле потребните стандарди во овој сегмент и како надлежните да добијат квалитетен приватен партнер. Признаваат дека стерилизацијата во јавното здравство мора да се подобри бидејќи, како што велат, сега е на многу ниско ниво.

Незадоволни се и од рокот кој државата му го дава на стопанственикот за да изработи четири нацрт – плана за централизирана стерилизација.

Стерилизацијата е срцето на секоја хируршка гранка – таа ги уништува сите вируси и бактерии и спречува ширење на сериозни инфекции во болнички услови, како ХИВ и Хепатит. Оттука се поставува прашањето дали приватната фирма која ќе го добие тендерот би штедела во процесот на одржување со цел да дојде до полесна и побрза заработка?

На ова прашање, од Министерството за здравство само кусо ни одговорија оти очекувале приватната фирма да ги почитува обврските предвидени со тендерот.

„Во тендерската документација се предвидени права и обврски за двете страни за коишто очекуваме успешна имплементација за целото времетраење на договорот имајќи ги во предвид услугите за пациентите“, велат од Министерството.

Принципот на централизирано управување со стерилизацијата од страна на приватна фирма веќе бил имплементиран во Франција и Швајцарија, но од Асоцијацијата велат дека искуството на нивните колеги покажало оти и таму по три години концептот не покажал економска оправданост.

Биљана Божиновска