Владата ги излажа синдикатите, ништо од ветувањето за поголеми плати, тие се заканија со штрајк
Административците чукнале на погрешна врата. Министерството за финансии не било адресата од која синдикатите требало да побараат покачување на платите од 50-тина евра по работник – се правда министерот Фатмир Бесими откако стана јасно дека со ребалансот на буџетот извисија државните службеници. Вели тие не преговарале со него, туку со други функционери, а преговорите не биле завршени во периодот кога министерството работело на ребалансот на буџетот.
„Вчера друг синдикат имал протести пред МФ, но МФ не е адресата. Важно е да знаеме дека во делот на преговори, ние во фаза кога се работеше ребалансот, немаше завршени преговори или решение, не можеме да предвидиме работи кои не се дефинирани“ – вели Бесими.
Оправданието на Бесими ги разлути административците. Првиот човек на Сојузот на синдикати на Македонија Дарко Димовски вели дека министерот многу добро знаел што се преговара и со кој. Добиле ветување од врвот на Владата дека со ребалансот на буџетот ќе добијат покачување на платите. Бараат итна средба за да добијат одговор зошто извисиле и не го добиле она за што се договориле.Ако не добијат одговор до петок, велат ќе има генерален штрајк.
Министерот Бесими дополнително ги револтира синдикатите, бидејќи не само што не одобрил покачување, туку и индиректно, во неделна колумна, објави дека прво ќе прави методологија колку службениците се продуктивни пред да се одобри зголемување на примањата. Освен што чека на ветените 2.806 денари по вработен месечно, Сојузот на синдикати бара и да се финализираат преговорите околу исплата на К-15 во јавниот сектор од следната година.
Тања Попова