Владата вработува – половина милион евра за авторски хонорари

Половина милион евра за авторски хонорари. Владата склучи годишен договор со Агенцијата за интелектуална сопственост „Артпицк“ преку која ќе префрла пари по разни основи. Нема ограничување на бројот на луѓе што ќе бидат ангажирани и ќе земат дел од колачот, а поединечните исплати ќе се прават по потреба.

„Вредноста на договорот ќе се реализира во зависност од бројот на авторите што договорниот орган ќе има потреба да ги ангажира преку авторската агенција. Овој договор е за најмногу една година“, пишува во тендерската документација.

Алфа побара дообјаснување од Владата – зошто сега се склучува ваков договор и дали авторите ќе бидат вклучени и во референдумската кампања. Го добивме следниот одговор.

„Се работи за различни видови ангажмани регулирани со авторски договори во кои спаѓаат ангажманите на надворешните соработници и советници во органите и телата во рамки на Владата на Република Македонија и ангажмани поврзани со еднократни услуги за потребите на Владата“ стои во одговорот од Владата.

Ова е само последен во низата договори што ги склучува државата за времено ангажирање луѓе.

Претходно Јавното претпријатие Комунална хигиена преку Агенцијата за привремени вработувања „Мотиви“ одвои 1 милион и 850 илјади евра за работници. Со овие пари на годишно ниво и со просечните плати во тој сектор можат да бидат ангажирани стотици луѓе.

Само овој месец над 10 државни институции имаат објавено огласи за вработување и на определено и на неопределено. Во време на распишан референдум се нудат позиции на советници, соработници, помлади соработници, раководители за солидни плати. На листата вработувачи се Државниот архив, Министерствата за одбрана и образование, Општина Центар.

Дел од огласите се и со навистина специфични барања кои се несоодветни за позициите. Така, Централниот регистар, кој инаку ги обединува податоците за сите фирми и организации, меѓу другото вработува книжевник, географ и експерт по одбрана, а платите што ги нуди достигнуваат и 53 илјади денари.

Само од почетокот на годинава се распишани огласи за вработување на над четири илјади луѓе, поголем дел на определено а помал на неопределено.

И додека се вработуваат нови административци старите се жалат на притисоци преку закани и казни.
СДСМ со години обвинуваше за преобемна и нестручна администрација и ветуваше дека ќе ги претвори јавните службеници во вистински сервис за граѓаните.

Од друга страна премиерот Зоран Заев уште како потпретседател на партијата, во 2010-та, најави дека кога ќе дојдат на власт ќе следи чистка во јавниот сектор.

Чистките во јавниот сектор почнаа од градинките и училиштата – стотина воспитувачки и наставнички останаа без работа откако не им беа продолжени договорите, а на нивно место беа ангажирани нови.

Никола Крстиќ