Владата во Брисел бара датум, Тимоние од Скопје порачува дека треба да се проверат критериумите

Владата во уште една офанзива во Брисел, но датумот се понеизвесен. Премиерот Заев и неговите заменици на средба со претседателот на Европската Комисија, Жан Клод Јункер, комесарот Јоханес Хан и со потпретседателката на ЕК, Федерика Могерини, разговараат за последниот извештај на Европската Комисија во кој се препорачува отворање на преговорите за членство на Македонија. Според информациите од Илинденска, Македонската страна од шефот на Европската Комисија бара помош за добивањето датум за преговори во јуни или јули, по можност заедно со Албанија, но доколку тоа е невозможно, смета дека земјата не треба да биде заложник на групниот пристап од страна на ЕУ. А додека владината делегација на европските бирократи им докажува зошто заслужуваме конечно отпочнување на преговорите, во Скопје францускиот амбасадор Тимоние, чија земја отворено се противи на проширувањето на ЕУ, порачува дека одлуката за преговорите треба да ја донесат заеднички сите членки на унијата.

– Земјата направи напредок, но сега треба да се оцени дали е тоа доволно, но и да види во каква состојба е ЕУ и каков е нејзиниот капацитет за примање на нови членки. Но бидејќи не станува за приклучување веднаш треба да се види нејзиниот капацитет барем за отворање на преговорите. Можеме да заборуваме за тоа дали ќе се работи за унапредување според старост или според заслуги, но најверојатно одлуката што ќе ја донесат земјите членки ќе биде комбинација од овие две околности – изјави францускиот амбасадор Кристијан Тимоние.

Тимоние вели дека стратегијата за Западен Балкан, презентирана од претседателот Макрон, треба да им помогне на нашите институции да се подготват за претпристапните преговори, кога ќе дојде денот за тоа, но повторно одби да зборува за можниот датум.

Претседателот Стево Пендароски пак, изјави дека од Европската унија очекува неодложно да го одреди датумот за да ги започнеме преговорите за членство, бидејќи тоа е добитна комбинација за сите засегнати страни.

– Доколку на Северна Македонија и на Албанија не им се даде датум за преговори за членство, а на Босна и Херцеговина позитивно мислење за поднесеното барање за членство, наместо суштински напредок во регионот ќе има разочарување. Во однос на најтешките прашања ние го направивме нашиот дел, сега останува на Европскиот совет да го направи својот дел. Да им го даде на нашите граѓани заслужениот датум за отпочнување на пристапните преговори – рече Пендаровски.

Според него секое дополнително одложување на преговорите, ќе ја наруши кредибилноста на ЕУ, ќе ги демотивира граѓаните, ќе го забави реформскиот процес и негативно ќе влијае на стабилноста на целиот регион.

Драган Милосављевиќ