Вкупно 211 години затвор за настаните од 27 април, само една ослободителна пресуда

Вкупно 211 години затвор за 16 сега веќе осудени лица, за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, за собраниските настани од 27 април 2017-та година. Образложувајќи ја пресудата, судијката Добрила Кацарска кажа дека според доказите кои биле презентирани и сведочењата на сведоците, сите биле виновни за кривичното дело за кое им се судеше од 22 август 2018-та, кога се одржа првото рочиште.

Најтешко помина поранешниот директор на БЈБ и министер за надворешни работи, Митко Чавков, кој доби 18 години затворска казна, по 15 години во затвор треба да поминат Митко Пешов, Душко Лазаров, Горан Ѓошевски Леви, Мунир Пепиќ, Јане Ченто, Влатко Трајковски и Никола Митревски Кољо.

Една година помалку зад решетки доби Вилијам Михајловски, на 13 години затвор осуден е Оливер Поповски, по 12 пак добија Игор Југ, Младен Додевски и Горанче Ангеловски. 10 години во затвор треба да помине Оливер Радулов, под минималната казна за ова дело пак се Александар Василевски Нинџа и Абдулфета Алими, едниот доби 8, другиот седум години.

Судот изрече само една ослободителна пресуда, за еден од водачите на граѓанското движење За заедничка Македонија, Игор Дурловски, како што кажа за него Кацарска тој бил во Собранието, но не сторил насилство.

Според адвокатот на најтешко осудениот Митко Чавков, пресудата за неговиот клиент веќе била позната, но тој потенцира дека таа ќе падне на кој било меѓународен суд. Тој вечерва за Алфа вели дека вакво нешто досега не било видено, мислејќи и на притворот кој судот му го определи пред да биде изречена пресудата. Како пример го спомена и поранешниот каталонски лидер, Карлос Пуџдемон, кој за слично дело како и Чавков, беше пуштен да се брани од слобода со кауција од 70.000 евра.Т

Обвинителката Ивана Трајчева вели дека со оваа пресуда правдата е задоволена, а дали ќе поднесуваат жалба, ќе одлучеле откако истата ќе ја добијат во писмена форма.

Обвинителството за сите осудени побара притвор, што и беше прифатено од членовите на Судечкиот совет предводен од судијката Добрила Кацарска.

Матеја Петровски