Вишите обвинителства добија вршители на должност бидејќи немаше кворум за избор

Вршители на должност наместо нови шефови во скопското и гостиварското виши обвинителства бидејќи – Советот на јавни обвинители остана без кворум поради хоспитализацијата на државниот обвинител Љубомир Јовески, па не ги избра првите луѓе на овие функции. Сега в.д. шеф, во Скопје е Мустафа Хајрулахи, а во Гостивар, Вјолца Омази. Тие ќе ја вршат функцијата се до назначувањето на нови, а седницата засега не е закажана. Кворумот беше проблем и за изборот на главни обвинители во основните, па и тука постави вршители на должноста, и тоа во Битола, Велес, Гостивар, во Кавадарци и Куманово. За сега се чека и официјално да се повлече Фатиме Фетаи од кандидатурата за шеф на скопското вишо обвинителство, како што најави во петокот. Со што во игра остануваат само актуелниот Хајрулахи и обвинителот Бурим Рустеми.

  • „ Таа ако имала некакви притисоци, треба нејзе да ја прашате. И кои се причините, сепак, ќе ви биде од среда достапна “ вели Антонио Јолевски – Претседател на Совет на јавни обвинители.

Фаик Арслани, кој беше член во Советот, поднесе оставка еден ден пред да се кандидира за шеф на Вишото во Гостивар. Оставката му беше прифатена минатиот петок, со што според претседателот Јолевски биле отстранети сите пречки. На Арслани, конкуренција му се обвинителките Деца Пауновска и Душица Димитриевска.

  • „Не може да биде избран додека му трае мандатот. Тој веќе го нема мандатот. За избран не за пријавен стои таму“ – вели Јолевски, Претседател на Совет на јавни обвинители.

Никако да се изберат ниту 4-цата обвинители во Организиран криминал за што веќе имаше распишано оглас. Изборот се одложуваше на неколку седници и пропадна, за последно, да пропадне и распишувањето нов оглас.

За новиот шеф пак на Организиран криминал и корупција, Ислам Абази, критики за транспарентноста и начинот на негов избор стигнаа дури и од странските дипломати. Но, претседателот Јолевски, се оградува и не сака да ги коментира ставовите на американската амбасадорка во земјава бидејќи вели тие се испратени кон политичарите, а не кон Советот.

Advertisements