Вицепремиерите добија поголеми плати, синдикалците порачуваат: „Чашата е прелеана“

По информацијата дека на петмината вицепремиери ќе им бидат зголемени платите, јавноста негодува а синдикалците порачуваат дека чашата на незадоволството дефинитивно е прелеана. Со измените на Законот за платата на избрани и именувани лица кои Владата ги достави до Собранието, коефициентот за утврдување плата на заменик-претседателот на Владата ќе се пресметува со 4 наместо 3,70. Поедноставено, ова значи дека вицепремиерите Хазби Лика, Кочо Анѓушев, Бујар Османи, Радмила Шекеринска и Оливер Спасовски ќе добиваат по осум илјади повеќе секој месец, додека платите на сите вработени во јавниот сектор или стагнираат или се зголемуваат незначително.

-Конфедерацијата на Слободни сидникати укажува на лошите состојби во јавниот сектор, платите се на рамниште на социјална категорија, просечната плата е околу 18 илјади денари. Баравме покачување на платите, но очигледно владата има други приоритети, зголемување на платите на вицепремиерите и министрите – изјави за Алфа, Благоја Ралповски претседател на КСС.

Од Конфедерацијата предупредувале дека состојбата во јавниот сектор е очајна, се чувствуваат игнорирани и дискриминиран. Предупредуваат дека јавната администрација е заборавена, што пак ќе резултира со соодветен одговор:

-Ќе имаме голем протест во јануари во Штип. Па ќе имаме и втор, па трет, четврт, а потоа ќе се радикализираме до таму што ќе организираме и генерален штрајк во јавниот сектор – додава Благоја Ралповски.

Од Владата демантираа дека ќе има зголемување на платите, туку тоа било терминолошко усогласување на овој закон со Законот за Владата, со што ќе се создадела законска основа за пресметка на платата на вицепремиерите. Сепак, фактичката состојба е дека вицепремиерите ќе си добиваат по осум илјади денари плус секој месец. Истовремено работниците во Комунална хигиена во Скопје одвај добија покачување од пет проценти што, со оглед на нивните плати е минорно во споредба со „терминолошкото усогласување“ за вицепремиерите.

Драган Милосављевиќ