Високата температура од 40 степени ги вжешти линиите на итната медицинска помош

Продолжениот топлотен бран и отвори работа на брзата помош. По околу 5 колапси дневно, е просекот за овој период. Со оглед на најавите дека високи температури ќе има до крајот на месецов, лекарите ги повторуваат препораките до граѓаните – како да се заштитат.

Вжетени телефонските линии на итната медицинска помош, откако Македонија буквално гори. Температурата одамна надмина 40 степени, па затоа лекарите со полни раце работа едвај одговараат на повиците зашто не престанува да звони дежурниот телефон. Само денеска до пладне имало два колапса на повозрасни луѓе кои не се придржувале до препораките. Брзата помош морала веднаш да интервенира.

  • Најчесто се јавуваат пациенти кои стварно имаат мака и се со тегоби, хронично болни, особено оние со срцеви, невролошки или белодробни заболувања, пациенти кои доживуваат нагол пад на притисокот, но зголемен е бројот и на интервенции при незгоди во сообраќајот. Високите температури влијаат и на концентрацијата, а и веројатно зголемената фреквенција доведуваат до побројни интеревенции на улиците и патиштата“, изјави доктор Анита Димовска, од Брза Помош Скопје.

Во најтоплиот период од денот да се избегнуваат физички активности, да не се спортува, и колку што може да се седи во климатизирани простории. Кога е најтопло, додаваат лекарите, највнимателни да се повозрасните граѓани, хронично болните, како и бремените жени. 

  • Ако во било кој момент се почуствува зашеметеност, слабост, вознемиреност или интензивно чувство на жед и главоболка, секој нека побара помош, да се засолни на сеновито и посвежо место и да се напие негазиран минерален пијалак за рехидратација“, препорачува д-р Димовска.

Лекарите по кој знае кој пат препорачуваат да не се излегува надвор без потреба, и ако е нешто итно тоа да се заврши рано наутро или во попладневните часови кога колку толку има ублажување на жештината.

Дека пеколни температури не очекуваат во текот на целиот месец, предупредуваат и  Синоптичарите. Од УХМР најавуваат дека не чека екстремно жежок преиод, а дневната температура во добар дел од земјава ќе надмине 40 степени.

  • Подрачјето на нашата земја и во следниот период ќе биде под влијание на многу топла воздушна маса. Ќе биде многу топло, со дневни температури во поголемиот дел од земјава над 35, а наместа и над 40 степени поради што ќе биде активно портокалово ниво на опасност од високи температури. УВ индексот ќе има многу висока вредност 10, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи.

Топлотниот бран, освен во Македонија и Балканот, продолжува да се шири низ Европа, каде се очекува да бидат измерени нови рекордно-високи температури. Според метеролошките извештаи, преку ден температурата ќе надмине 40 степени Целзиусови во делови на Шпанија, Франција, Германија, Хрватска, Турција, Полска и Грција.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста