Виси спроведувањето на пописот догодина – неизвесна и собраниската расправа за законот

Неизвесна собраниската расправа за законот за попис. Откако пред два дена заврши пробното попишување на населението и недвижностите, законското решение се уште е заглавено во собраниските лавиринти, но во брзо време нема да биде закажана ниту седница на комисијата за европски праша, која е надлежна да расправа по него. Претседателот на комисијата Артан Груби за Алфа вели дека постапката е во тек, но за законот ќе се дебатира откако власта и опозицијата ќе ги испеглаат разликите.

-Нема рок кога треба да биде свикана собраниската комисија . Се уште траат консултации за деталите од законот со опозицијата. Кога ќе бидат надминати разликите, законското решение ќе биде ставено на дневен ред на комисија, вели Груби.

Од друга страна пак Директорот на Статистика Симовски потврдува дека ако законот за попис не биде донесен во догледно време, виси целата постапка за спроведување на пописот закажан за април 2020-та. Рокот за донесување на законот за попис веќе одамна одминува бидејќи неопходно е тој да биде изгласан една година пред спроведувањето.

-Пожелно е да се донесе што е можно поскоро бидејќи таму ни се дефинира буџетот, а ние треба веќе да одиме со набавка на опрема. Процедурата за набавка на опрема е сепак малку подолготрајна, големо количество треба јавна набавка, сите тие процедури да се запазат, тоа е веќе неколкумесечен процес, така да нам ни е битно пред се од тој момент. Битно е да бидеме сигурни дека без датум не можеме да спроведеме попис во секој случај.

За опозицијата пак е спорно попишувањето на дијаспората, кое според нив е надвор од критериумите на Евростат. Со стари податоци и по 16 години Македонија останува единствена земја на Балканот која нема целосна слика за демографските движења, а уште помалку пак колкав е бројот на граѓаните од сите етнички заедници, реагираат од партијата.

Но дека законот веќе требаше да го помине собранискиот филтер предупреди и спикерот Џафери, кој на брифинг со новинарите рече дека избрзано било решението предлог текстот за попис така да биде ставено на разгледување, но дека по три недели пратениците имале доволно време за да ги разгледаат деталите и да дебатираат по истиот.
Последниот попис во Македонија е спроведен во 2002-та – оттогаш земјава нема податоци за моменталната состојба и број на населението.

Ивана Соколовиќ Најдова